X
 27.10.2022 Живот

Италијанско село го крие „еликсирот“ за здрав и долг живот

Италијанското село Лимон сул Гарда е уникатно бидејќи неговите жители носат ген специфичен за ова место кој се нарекува „еликсир“ на здрав и долг живот.

На брегот на езерото Гарда во италијанскиот регион Ломбардија се наоѓа необично рибарско село со околу 1.000 жители. Во исто време, тоа е најсеверната точка каде што расте лимонот и има прилично блага клима, ако се земе предвид дека се наоѓа речиси во подножјето на Алпите.

Можеби токму оваа комбинација на фактори ги натера селаните да тврдат дека постои таен „еликсир“ за здрав и долг живот. Многу локални жители имаат одлични способности на дигестивниот систем кои им овозможуваат да јадат секаков вид храна без да се грижат за зголемување на телесната тежина или проблеми со срцето.

Овие жители го имаат она што се нарекува „генот лимон“, кој содржи посебен протеин што ги уништува липидите и го одржува протокот на крвта.


Веќе 40 години жителите на Лимон сул Гарда се истражувани од страна на научниците, па често се шегуваат дека се лабораториски стаорци поради честото дарување крв за периодични тестови.

Џани Сегала, еден од жителите, вели дека овие гени течат во неговото семејство. Тој се присетува на првиот пат кога лекарите го натерале да консумира одредена доза шеќер на секои два часа за да ја контролираат неговата крв.

- Ми земаа крв по секој залак, беше толку слатко што ми се слоши. Иако јадев многу, крвта веднаш ми ги уништуваше маснотиите без да ги асимилира. До ноќта речиси се онесвестив поради загубата на крв - раскажа тој.

Сепак, иако луѓето како Сегала можеби никогаш нема да се грижат за затнати вени и згрутчување на крвта, тој вели дека води многу нормален живот и дека не е супермен.


Чезаре Сиртори, професор по клиничка фармакологија на Универзитетот во Милано, го предводел тимот што прв го идентификувал она што локалните жители го нарекуваат „еликсир“, нарекувајќи го протеин А-1 Милано. Тој вели дека жителите на Лимон сул Гарда имаат екстремно ниски нивоа на ХДЛ-холестерол, што се чини дека е резултат на генетска мутација во протеинскиот носач. Интересно е тоа што оваа генетска мутација и нејзините здравствени придобивки се единствени за Лимон – и не можат да се најдат никаде во блиските села. Италијанско село го крие „еликсирот“ за здрав и долг живот.


Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот