X
 27.11.2017 Образование

Академик Ѓорги Поп-Атанасов: Ако се изгласа законот за јазиците, тоа ќе биде крај за Македонија

Ако е тоа официјален јазик, ќе треба да се учи во основните училишта. Во секое основно училиште во Македонија ќе треба да однесеш учители. Тие што се во Македонија нема да бидат доволни, па ќе треба да увезете од Косово и од Албанија. Така ќе дојде до комплетна албанизација на целата територија на Македонија. Со тој закон албанскиот јазик треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај, вели академик Ѓорги Поп-Атанасов од Македонската академија на науките и уметностите

Албанизација на територијата на цела Македонија ќе предизвика изгласувањето на предлог-законот за употреба на јазиците. Тоа е закон за албанскиот јазик и треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај, вели академик Ѓорги Поп-Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи. Тој е постојан член на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија на науките и уметностите, а тесна специјалност му се македонска црковна книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија, хагиографија.

Академик Ѓорги Поп-Атанасов

Кога институциите во нашето соседство и од светот ќе кажат, ќе напишат дека старите ракописи што ги изложуваат се македонски ракописи?
- Изгледа ќе напишат кога ние ќе станеме добри Македонци. Бидејќи ние не сме добри Македонци. На едно место напишав дека кај дел од етничките Македонци националната свест е на катастрофално ниско ниво. На Балканот сите соседи, сите држави успеале кај своите народи да изградат силна национална свест. Кој Бугарин се смета за Србин?! Тој е Бугарин и готово! Србин е Србин, Албанец е Албанец. А од Македонец можеш сè да направиш само Македонец не можеш да направиш. Да го видам дедо Стефан, ќе му речам: „Дедо Стефан, ние треба да се потпреме само на својот народ. Бидејќи народот е црквата. Но, треба да се погрижиме на тој народ да му ја зајакнеме националната свест. Ако имаме свесни Македонци, цврсти Македонци, непоколебливи Македонци, тогаш ќе ја зачуваме државата, црквата, ќе ги зачуваме и идентитетот и јазикот“. Оти на сите соседи, па и на овие од Запад, и на овие во Америка им пречи македонскиот национален идентитет. Кога ќе го збришат идентитетот, сè друго паѓа. А, ако нема Македонци, нема македонски јазик. Зошто да има потреба да има македонска држава? Нема македонска црква, нема книжевна традиција, нема ништо. На сите им пречи идентитетот. Ние треба да си го зачуваме идентитетот.

Предлог-законот за употреба на јазиците, и покрај сите реакции, влезе во собраниска процедура...
- Го читав тој предлог-закон, тоа не е закон за јазици. Има 32 или 34 члена и секој член почнува со: „Јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто...“ Секој член почнува со таа реченица. Значи тоа е закон за албанскиот јазик. А со тој закон албанскиот јазик треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан пред неколку дена порача дека овој закон не е приоритет за интеграцијата на Македонија во ЕУ, дека може да почека. Сепак, законот е веќе во собраниска процедура, ќе дојде време и ќе треба да се гласа...
- Целта е нешто друго. Фактички, не само што се сака тој јазик да се наметне на целата територија на државата, туку се става и над македонскиот јазик. Зашто во Законот за употреба на македонскиот јазик нема санкции за оној што не го зборува македонскиот јазик. А ние имаме политичар кој збор не кажал на македонски јазик. Како треба да го казнат него? Додека во овој предлог-закон за јазици, кој не е закон за јазици, туку за „јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението“, уште во првиот член е наведено кој сè треба да го употребува. Сите државни органи, јавни институции, претпријатија. Еден човек да има во некоја институција, ќе треба да се овозможат услови да се применува тој јазик. Ако се спроведе, ќе бидат блокирани сите институции, ќе бидат парализирани, нема да може ништо да функционира. И државата ќе почне сама по себе да се распаѓа. И на таа држава што се распаѓа, треба да дојде друга над неа, да биде друга држава.


Академик Поп-Атанасов: Целта се знае која е

Што сè ќе предизвика донесувањето на овој предлог-закон?
- Ако во Берово треба секој документ да се преведе на тој јазик, треба да отвориш посебен орган, да однесеш неколку луѓе. Ако е органот официјален, тие луѓе ќе живеат таму, ќе однесат семејства. Ако е тоа официјален јазик, ќе треба да се учи во основните училишта. Во секое основно училиште во Македонија ќе треба да однесеш учители. Тие што се во Македонија нема да бидат доволни, па ќе треба да увезете од Косово и од Албанија. Така ќе дојде до комплетна албанизација на целата територија на Македонија. Тоа е целта. Не е целта да се добијат права. Права ќе се бараат додека не се оствари целта. А целта се знае која е.

Дали Република Македонија се соочува со најкритичниот период во поновата историја?
- Можам да кажам дека бевме посамостојни во бившата федерација зашто тогаш можевме да опстанеме како народ и како држава, во рамките на една друга федерација. Ние се покажавме како неспособни да изградиме држава. Да бевме како Словенците, ќе имавме држава. Опстанокот на македонската држава е загрозен. Се најавува промена на името, а името на државата е идентитетот. Така е кодиран македонскиот идентитет. Ако го промениш името на државата, го менуваш и идентитетот на народот. Има многу политичари, па и дел од македонскиот народ што смета дека може да се промени името. Што е тоа важно?! Името како ништо да не значи. Пред голема опасност сме да се изгубиме и како народ, и како држава, и како традиција. Им пречи, на пример, древната наша историја, што значи дека сè што се случувало на територијата на Македонија, што е дел од нашата историја. Па и античките Македонци се дел од нашата историја, како и сите што живееле некогаш тука. Не можеме ние да ги прогласиме Александар или Филип дека се Грци, кога Демостен во „Филипики“, во тие говори што се сочувани против Филип, вели: „Не само што не е Елин, туку е најобичен варварин – Македонец“. Современик на Филип вели дека тој не Грк, а сега, 2300 години подоцна, бидејќи така политиката им диктира, велат дека тој бил Грк.


Ние не сме важни, важна е Македонија

Како го коментирате односот на нашите политичари?
- Тоа е работата, што тие две наши македонски партии се така замразени, секој ден се напаѓаат, што едноставно ќе ја изгубиме државата, идентитетот, сè ќе пропадне. И на кого ќе бидат потоа влада, на кого ќе бидат политичари? Наместо да седнат, да стават сè зад себе, да речат: Загрозен е опстанокот на нашата држава, на нашиот народ, идентитетот, сè што е македонско. Ние не сме важни, важна е Македонија. Ние сме денеска, утре ќе нѐ нема. Но, Македонија треба да остане и после нас, на нашите поколенија. Како не им доаѓа тоа во паметот?! Како тие да се поважни од Македонија, од сè! Тоа е неверојатна работа! Тиранската платформа е технички направена од владата во Тирана, не од нашите партии. Се врши една агресија врз статусот на Македонија. Тоа е надворешна агресија и не смее да се прифати воопшто. Треба да се одбие без размислување. А, тие тука сѐ прифатија, па внесоа албански знамиња во парламентот. Па потоа три збора на албански, еден на македонски... тоа е циркус, не личи на Собрание. Не е добро тоа.


Поп-Атанасов: нашите политичари да ги запрашаат бугарските зошто го признаваат црногорскиот јазик, но не и македонскиот?!

Како ги оценувате правата на албанското малцинско население во Република Македонија?
- А тие толку права имаат, нека кажат дали некаде во регионот или во светот има некое малцинство што има толку многу права? Нема никаде! Загрозен е фактички опстанокот на Македонците во нивната матична држава, загрозен е опстанокот на Македонците. Затоа се потпишуваат такви договори, како со Бугарија. Па тоа е катастрофа, таму не ни го признаваат јазикот. Бугарија со Црна Гора потпишува договори на бугарски јазик и на црногорски јазик. Каков е тој јазик?! Македонски нема, а црногорски има?! Зошто нашите политичари тоа не ги прашаат политичарите од Бугарија? Многу е комплицирана оваа ситуција. Луѓето се жртвувале, гинеле за Македонија, а ние тука сè правиме само за да не си го нарушиме комодитетот.

Линк од целиот предлог-закон тука
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование