X
 27.11.2018 Наука

Ако сте помлади од 32 години, никогаш не сте искусиле месец постуден од просекот

Месец октомври 2018 година беше вториот најтопол во историјата на мерењето, соопшти американската метеоролошка агенција NOAA.

Во извештајот на агенцијата особено загрижува фактот дека просечните месечни температури на Земјата во последните 406 месеци, сите по ред, биле повисоки од просекот за 20 век. Последниот месец со температури под просекот бил февруари 1985 година. Ова значи дека никој помлад од 32 години во својот живот не доживеал ниту еден месец постуден од просекот. Се разбира, станува збор за глобалните месечни просечни температури.

Овој факт е важен бидејќи јасно го покажува трендот на климатските промени, односно глобалното загревање.

zima
Фото: Santi Otero/EPA-EFE


Загрижувачки бројки

Извештајот на агенцијата покажува уште неколку загрижувачки бројки:

- Десет најтопли месеци октомври на површината на копното и морето се случиле од 2003 до денес.

- Последните пет години се забележани пет најтопли месеци октомври.

- Рекордни температури биле измерени во делови на Атлантскиот и Индискиот Океан, Алјаска, Беринговото Море и Баренцовото Море, во Централна и Источна Русија, Северна Италија и Централна Африка.

- Во ниту еден дел од светот не е забележан рекордно студен октомври.

- Во Централна и Источна Русија се забележани температури што за 5 Целзиусови степени го надминале просекот.

- И глобалните температури на океаните биле втори највисоки во историјата, што делумно е одраз на фактот дека во Пацификот започна феноменот познат како Ел Нињо.

Експертите веруваат дека 2018 година глобално ќе биде една од петте најтопли години откако постои мерењето. Засега, 2018 година е четврта најтопла, а во последните пет години периодот од јануари до октомври се најде меѓу петте најтопли во историјата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука