X
 27.11.2021 Наша тема

„Јазичните бариери, за наша среќа, се фрагилни“: Сашо Огненовски, добитник на Наградата за најдобар роман на Хрватското книжевно друштво

Наградата е голем поттик уште подлабоко и попосветено да навлезам во креативните гами на авторите од другите земји (секако од јазиците што сум во можност да ги преведувам) и да им ги пренесам на македонските читатели, вели Огненовски

Романот „Турнеја“ деновиве се закити со Наградата за најдобар роман по повод триесетгодишнината на Хрватското книжевно друштво од Риека. Како дојде до Ваше книжевно препознавање во хрватската книжевна средина?


- Кога испраќам некое свое дело, никогаш не се надевам на некаква награда, најмногу поради самокритичноста што, за моја среќа или несреќа, ја имам во доволни количини. Оваа награда на ХКД од Риека се дава во неколку категории и мојот роман „Турнеја“ беше награден како најдобар роман надвор од хрватското говорно подрачје. При препознавањето на книжевните вибрации на овие подрачја, кои некогаш беа во една засинорена територија, секогаш се препознаваат и јазичните бариери кои, за наша среќа, се фрагилни, така што не се сомневам и конечно сум среќен што мојот стил и начинот на мислење, како и динамиката на дејствието на мојот роман, на некој начин станале препознатливи за оние под чиј критериум било моето дело.



Што ќе ни кажете за содржината за наградениот роман?

- „Турнеја“ е роман што за тема ја има мојата засекогаш закоренета страст – театарот. Кога размислував која е мојата креативна дистанца кон оваа тема, за најпогодна стилска алатка ја одбрав токму сатирата, за која моите издавачи со право констатираа дека ја има сѐ помалку во македонското прозно творештво. Имено, се работи за горчлива сатира низ чии мрежи се испреплетува (со огромен напор) животот на еден театар во блиската „по малку“ дистописка иднина, институција што треба да ја круниса својата плодотворност со огромна турнеја околу Земјината топка. Галеријата од ликови што го сочинуваат кастингот на Хамлет од Вилијам Шекспир минувајќи низ пеколот на таинственото исчезнување отвора за мене едно стравотно предупредување дека уметноста умира најмногу низ клиентелизмот, додека креативноста се задушува во стегот на дилетантската комбинаторика, која, за жал, е резистентна на магијата на сцената. Книжевноста за мене е територија каде што дејствието ја игра главната улога, колку и да е проблематиката на делото интроспективна. „Турнеја“ ми се случи во многу краток период и некако излезе од мене многу наврапито иако темата со години ја носев во себе. Откако почнав да пишувам подолга проза, мојата трема, која метаболитички ја носам во себе од искуството на сцената, ме опфаќа тогаш кога ќе треба да се напише крајот. Но, јас сум задоволен од епилогот каде што бескрајот и здивот со полни гради се круцијални. Круцијални и за животот и за уметноста.



Што поточно беше кажано во образложението на жирито и на портретот што Ви беше приреден во Риека?

- Валерио Орлиќ, претседателот на ХКД, истакна дека преводот и книжевните списанија се најдобрите амбасадори на пишаниот збор надвор од границите на нашите земји. Списанието „Книжевни елементи“, кое го уредувам, ја живее својата трета година и на своите страници веќе има илјада писатели преведени од голем број јазици. Секој број е делумно посветен на една земја, па четвртиот број што излезе ова лето беше делумно посветен на хрватската книжевност. Преводите од српски и хрватски јазик, со кои исто така интензивно се занимавам во последно време, придонесоа ХКД да препознае некаква моја посветеност на тие благородни јазични трансфери на литературата од другите земји кај нас. Наградата е голем поттик уште подлабоко и попосветено да навлезам во креативните гами на авторите од другите земји (секако од јазиците кои сум во можност да ги преведувам) и да им ги пренесам на македонските читатели.

Имате дипломирано на Факултетот за драмски уметности, имате одиграно повеќе од 100 улоги на битолската сцена. Сепак, одамна не играте во театар или грешам?

- Театарот е корен што никогаш нема да се одвои од мојот духовен хабитус. Да, таа троцифрена бројка на улоги одбележа еден период од мојот живот, една креативна амплитуда, која и инспирира, но и обврзува. Сведоци сме на многу преминувања на театарски уметници од една во друга уметничка инспирираност. Така актери станале режисери, драматурзи, па и писатели. Јас некако мојот духовен ангажман го продолжив низ пишувањето и преведувањето. Секако, во последно време една од моите страсти е и издаваштвото, па можам да кажам дека овој вид авантура на некој начин е и опсесивна, но и драматична, како што е драматична и сцената, а и драмските автори што сега ги преведуваме и ги издаваме. Во просторот на литературата се чувствувам многу мотивирачки, но никогаш комотно, што не значи дека еден ден нема повторно да стапнам на магичните штици.

Но, продолжувате да ја следите театарската сцена, домашната и регионалната, преку свои критички текстови?

- Ја имав среќата да погледнам големи театарски случувања, претстави на големи театарски имиња, на начин на промислување на театарот кој значи специфика и конституирање на правец во овој грешен 21 век. Пишувам за театар, за македонски портали и списанија, но и за списанија како што е легендарното „Сцена“ на Стерииното позорје, престижното британско списание „Плајс интернешнал енд Јуроп“, кое го разгледував по книжарниците низ Њујорк, не претпоставувајќи дека еден ден ќе станам дел од него покрај големите театарски критичари, како што е британскиот критичар Нил Дауден. Наскоро моите рецензии ќе се појават и во престижен портал за театар од Велика Британија. Страста и енергијата на театарот од овие простори се незаменливи и на многу суптилен начин успеваат да прелеат дел од она што во современиот театар го носат големите имиња како што е Иво ван Хове, Николас Штеман, Џете Стекел, Анту Ромеро Нуњез, Томас Остермаер, Матеја Колежник итн. Влијанието на големиот Томаж Пандур е есенцијално и парадигматично, но сите режисерски и драматуршки движења во земјите од регионот околу нас носат многу комплексна зачуденост достојна за секој респект. Овде мислам на громогласните драматурзи, како Димитрије Коканов, Симона Семенич, Тена Штивичиќ, Олга Димитриевиќ, Филип Груиќ, Моника Херцег, Маја Шорли, но и на сјајните режисерски ракописи на Јована Томиќ, Жига Дивјак, Ивица Буљан...



Последниве години како повеќе да се свртивте кон книжевноста?

- Апсолутно. Книжевноста е начин на живот како што и театарот е начин на живот. Убавината човек да се занимава со уметност е во тоа да не се каже сѐ. Живееме во крајно тензично време и во наплив на информации што ни ја носат миговната констатација дека сѐ е кажано и дека сѐ е достижно, па книжевноста ја доживувам како креација на нов свет, на хибриден реалитет чиј ригидитет го доживувам како предизвик. Она што сега го пишувам би го нарекол чистилиште на една сегашност, која е во занданите на постојаното повторување на минатото од искони. Обземеноста од книжевноста се разликува од онаа од театарот по квалитет, но не и по интензитет. Духовните патишта се секогаш магливи, непознати и тесни, а авторот најмногу страда со своите ликови и е секогаш во костец со доследноста кон жанрот. Тие битки се вечни и на многу наврати се префрлаат од авторите кај читателите.

Вашата библиографија вклучува пет поетски книги, две книги со детски пиеси, две пиеси за возрасни, а последниве две години се свртивте кон романот, автор сте на два романи (Сивиот плоштад, 2019; Турнеја, 2020). Како дојде до тој жанровски пресврт?

- „Сивиот плоштад“ е мојот прв роман, кој и најмногу ме испоти, само затоа што во него се зборува за темата со која сѐ уште не сум престанал да се занимавам, а тоа е идентитетот. Првиот роман е големо преиспитување. Постојат писатели што својот прв роман го напишале пред крајот на својата кариера. „Сивиот плоштад“, кој има голема доза на фантазмагорија во себе, сѐ уште не е напишан докрај и во некое друго време повторно ќе се навратам на него. „Турнеја“ беше миговна инспирација на тема што долго ја носев во себе и некако се случи овие две книги да се појават еднаподруга. Романот е голема авантура за писателот. Јас не пишувам во грч, грчот го имам додека ја конципирам приказната. По овие два романи се чувствувам многу поинаку, но не и поопуштено. Го имам истото чувство како тремата пред да излезам на сцена. Таа тензија ме следи континуирано сѐ додека она што го промислувам не се пресели на хартија. Сакав да се обидам во тој род. Да си ги испитам доследноста и консеквентноста затоа што романот е налик на животниот тек – или го живееш или го фингираш. Тривијалната литература се потпира на таа фингираност, вистинската книжевност повлекува многу од авторовиот духовен хабитус, станува дел од неговата рефлексија, од неговото опстојување. И писателите, како и актерите, имаат чувство дека имаат некој друг во себе и дека всушност дијалогот со тој „друг“ е првата предодреденост на уметничкиот производ. Сѐ друго е прашање на став и филозофија. И се разбира, на умешноста.

Фото: приватна архива
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Наша тема