X
 27.11.2021 Технологија

Виртуелно парче земја се продаде за 2,4 милиона долари

Парче земја во виртуелниот свет „Децентраленд“ се продало за криптовалути вредни рекордни 2,4 милиона долари, пренесува „Ју-ес њуз“.

„Децентраленд“ е онлајн околина, наречена и „метаверзум“, каде што корисниците може да купуваат земја, да градат згради, да шетаат и да комуницираат со други луѓе преку аватари. Ваквите околини стануваат сè попопуларни годинава бидејќи повеќе луѓе поминуваат време онлајн поради пандемијата.

Интересот дополнително се зголемил откако „Фејсбук“ го промени името на компанијата во „Мета“ и најави дека ќе се фокусира на развивање производи за метаверзумот.

„Децентраленд“ е посебен вид метаверзум кој користи блокчејн-технологија. Во него земјата и сите објекти и предмети се продаваат во облик на незаменливи токени (НФТ). Корисниците купуваат недвижности како инвестиции со криптовалутата мана, која се прифаќа во метаверзумот „Децентраленд“.

Парчето земја кое било продадено за 2,4 милиона долари е најскапата купопродажба на виртуелна недвижност на платформата. Виртуелното парче земја се наоѓа на место на кое ќе се одржуваат настани за висока мода и ќе се продава виртуелна облека за аватари. Земјата била купена од платформата „Токенс“.

Извор: US News
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија