X
 27.12.2019 Наука

Хрватски професори направиле јакна за лица со деменција и пижами против апнеа

Професори од Текстилно-технолошкиот факултет (ТТФ) во Загреб, Хрватска, направија прототип на јакна која преку мал екран вграден во ракавот ги потсетува болните од деменција што треба да направат тој ден и во кое време. Освен јакната, тие направиле и пижами што предупредуваат ако лицето во текот на ноќта престане да дише.

На ТТФ со години работи истражувачки и иновациски тим под водство на Дубравко Рогале. Тимот досега освоил 67 награди на светски и хрватски изложби за иновации и има повеќе од 20 патенти. Рогале истакнува дека дури сега сите тие достигнувања стануваат видливи надвор од академската заедница благодарение на медиумите.

Нив ги води желбата за нови откритија и никогаш на изложба за иновации не се појавиле со ист изум. Во тимот со ТТФ, кој ја смислил јакната против деменција на чело со Рогале, се и Снежана Фиршт Рогале, Жељко Кнезиќ и Данијел Часара Величан, кој е докторанд, како и Синиша Фајт од Факултетот за електротехника и информатика и колеги од Словенија.

- Јакната, а тоа може да биде и кое било друго парче облека, е наменета за лица заболени од деменција во ран или прв стадиум на болеста, кога штотуку почнуваат да забораваат. Не ракавот има еден мал екран (микрокомпјутер), кој преку блутут е поврзан со мобилниот на лекарот или старателот на болното лице. Распоредот за тој ден наменет за заболениот од деменција го пишува старателот, лекарот или самото заболено лице (ако е способно) на мобилниот и потоа тие упатства се појавуваат на екранот на јакната. Лицето преку звучен, светлосен и графички пат добива предупредување дека информацијата за тоа што треба да го направи е напишана на екранот - вели Фиршт Рогале.

Фото: 24sata.hr

Рогале има и објаснување зошто јакната сè уште не е испробана на заболено лице.

- Иако јакната е целосно функционална и може да се носи, ние како научна установа немаме можност за нејзина комерцијализација. Соработуваме со Клиничкиот болнички центар во Марибор, а јакната ја покажавме и на годишниот саем Инова во Загреб, каде што беа и лекари кои покажаа интерес. Имено, за јакната да се испроба на заболен, секако, во тоа би требало да биде вклучен и лекарски тим. Потоа би требало да се јави инвеститор кој би сакал да ги произведува јакните - вели Фиршт Рогале.

Јакната може да се поврзе со кој било мобилен. Има и уред за следење на лицата со деменција, што е многу важно затоа што една од одликите на деменцијата е тоа што заболените лесно се губат или не знаат да се вратат дома. Освен за таквите лица, ваквата облека би била добра и за децата, на пример, за првачињата, кои првпат остануваат сами дома, па може да се следи нивното движење. Патентот може да се примени на која било друга облека, но тимот се одлучил за јакна бидејќи секој се сеќава да облече јакна кога е ладно, па и лицата со деменција.

Освен јакната, истиот тим, без словенечките соработници, смислил и облека за спиење против апнеа.

- Тој производ би можел да има две главни групи корисници - новороденчиња, кај кои се случува изненадно престанување на дишењето, и постари лица со апнеа. Кај постарите лица прекинот на дишењето некогаш трае и до 30 секунди и подолго и лицето потоа се буди во паника бидејќи организмот останал без кислород и тоа може да бидат многу непријатни искуства - вели Дубравко Рогале.

Фото: 24sata.hr

Тој објаснува и како функционира интелигентната облека за спиење.

Имено, во поткошулата или пижамите се вградува сензор кој ги мери промените на градниот кош, сензорот се растегнува заедно со облеката. Може да се нагоди времетраењето меѓу вдишувањата и кога компјутерот ќе „види“ дека дошло до престанок на дишењето, се вклучува аларм. Алармот го буди лицето или ги предупредува родителите, негувателите или медицинскиот персонал. Уредот кој може да се види на фотографијата, а е поврзан со кукла, е лабораториски прототип и затоа е толку голем. За комерцијална употреба уредот ќе биде поврзан со мобилен како и оној за деменција.

Рогале нагласува и дека не заборавиле колку е важно облеката да биде удобна и функционална.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука