X
 27.12.2019 Живот

Помалку од половина Македонци се среќни и оптимистични за 2020

Помалку од половина Македонци се оптимистични дека 2020 ќе биде подобра од 2019 година и сметаат дека се среќни, покажа глобалното истражување на „Галуп интернешнал асосиејшн“. Во Македонија студијата ја спроведе БРИМА, членка на „Галуп интернешнал асосиејшн“ во партнерство во ВИН, на 1.210 испитаници.

На прашањето: „Дали сметате дека 2020 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2019 година?“, 43 отсто од испитаниците во Македонија изјавиле дека ќе биде подобра, 18 проценти дека ќе биде полоша, а 35 отсто од анкетираните сметаат дека ќе биде иста со 2019 година, што покажува, како што наведе БРИМА, дека во земјава оптимизмот е над светскиот просек.

Во однос на регионот, најоптимистични по тоа прашање се анкетираните од Албанија, а најпесимистични се Србите.

На прашањето: „Општо земено, дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?“, 9 отсто се изјасниле дека се чувствуваат многу среќно, 47 проценти среќно, 34 отсто ниту среќно ниту несреќно, 9 проценти несреќно и 1 отсто од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат многу несреќно.

Луѓето што живеат на Блискиот Исток се претежно песимисти (52 проценти), додека оние што живеат во Индија (56 проценти) и Западна Азија (50 отсто) се претежно оптимисти во врска со прашањето дали следната 2020 година ќе биде подобра од 2019.

Споредбено по држави, најоптимистични граѓани има во Нигерија (73 проценти), Перу и Албанија (70 отсто), Казахстан (67 проценти) и Ерменија (62 отсто).

На скалата која го прикажува песимизмот, рангирањето е предводено од Либан (76 проценти), Хонг Конг (68 отсто), Јордан (60 проценти) и Италија (59 отсто).

Од истражувачката агенција наведоа дека Западна Европа е најпесимистичкиот регион по Блискиот Исток. Земјите што не се членки на ЕУ се скоро двојно пооптимистични од западните држави во Европа. Американците се значително посигурни од Русите во нивните очекувања за подобра нова година. Нигерија – со најголемо население во Африка – е водечка на оваа листа секоја година.

Првите пет земји според глобалниот индекс на среќа се Колумбија (88), Индонезија (86), Еквадор (85) и Казахстан (83), по што следуваат Нигерија и Филипините со по 78. Најмалку среќни земји се Јордан (-38), Либан (-15), Сирија (-7), следени од Хонг Конг и Ирак со по пет.

- Нашиот глобален индекс на надеж и очај (социјален оптимизам – социјален песимизам), пред сè, ја рефлектира политичката и економската состојба и насоката на развој во секоја земја преку очите на обичните граѓани, додека индексот на среќа открива лични перцепции, тесно поврзани со националниот карактер. Се чини дека луѓето во светот се четири пати посреќни во нивниот личен живот (глобален индекс на среќа изнесува 48 проценти) во споредба со нивните животи како граѓани на нивните земји (глобален индекс на надеж 12 отсто) - посочи претседателот на ГИА, Канчо Стојчев.

Тој нагласи дека генерално, социјалниот оптимизам и личната среќа не се поврзани со богатството на државата. Актуелната политичка состојба и нејзините перспективи се доминантен фактор.

Студијата е спроведена во 50 земји и опфаќа околу 2/3 од глобалната популација.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот