X
 27.12.2020 Наша тема

Амстердам тивок и без туристи: Затворени кафулиња и ресторани, забранети огномети, само тројца гости во домот за празниците

Деновиве градот е потивок и ја нема таа голема раздвиженост како претходно кога беше дозволено патување. Амстердам е туристички град, во 2019 година се регистрирани 46 милиони ноќевања од домашни и странски туристи. На моменти ми се допаѓа оваа смиреност на Амстердам, може во тишина да се прошеташ и да уживаш во овој град со 165 канали, ни сподели Маја Трајковска, која живее во Амстердам


Во Холандија големо значење му се придава на Божиќ, божиќните празници се поминуваат со фамилијата и најблиските, a пречекот на Новата година е поинтересен за младите. Во Амстердам за Нова година има голем број забави и огномети на секој чекор. Речиси секоја фамилија купува огномет, неверојатно е колку пиротехника се испалува таа вечер, градот изгледа како да гори. Купувањето огномет е регулирано и е дозволено само неколку дена пред Нова година. Продавниците и улиците се преполни за празниците. Но не и оваа година, сега сликата е поинаква, ни сподели Маја Трајковска, која живее во Амстердам.



- Од минатиот вторник, 15 декември, Холандија прогласи 5-неделно затворање. Причината е секако зголемувањето на бројот на регистрирани позитивни лица од Ковид-19, а голема е веројатноста дека ова зголемување се должи на раздвиженоста на граѓаните за „Блек фрајдеј“, кога продавниците понудија голем број попусти. Огнометите исто така не се дозволени оваа година - нè информира Маја.




Во наредните 5 недели продавниците за облека, мебел, цвеќарници, односно сите продавници што нудат неесенцијални производи ќе бидат затворени.

- Кафулињата и рестораните веќе два месеца се затворени и работат по принципот на достава или сам да подигнеш кафе и храна за носење. Секако, и кафулињата и рестораните остануваат затворени во наредните 5 недели и продолжуваат да работат по истиот принцип како и досега. Библиотеките и спортските клубови се исто така затворени, а училиштата почнаа со онлајн-настава. Хотелите остануваат отворени, но нивните ресторани не работат. Храна и пијалаци за тие што престојуваат во хотелот може да им биде донесена во собата, но не може да имаат оброк во ресторанот - раскажува Трајковска.



Во Холандија уште од март речиси сите компании воведоа работа од дома.

- Можам да кажам дека во последно време мерките се почитуваат многу повеќе од претходно, на почетокот од декември стана задолжително носењето маска на јавен простор. Според мене, оваа мерка требаше да се донесе порано, претходно беше строго препорачливо да се носи маска и да се држи растојание, па сепак има и граѓани што не сакаат да носат маска или да држат растојание. Една од мерките е и дека во домот во текот на денот можат да ти дојдат двајца гости постари од 13 години. За време на божиќните денови дозволено е да имаш тројца гости над 13 години. Деновиве градот е потивок и ја нема таа голема раздвиженост како претходно кога беше дозволено патување, но сепак жителите одат на прошетки со кафе в рака.



Амстердам е туристички град, во 2019 година се регистрирани 46 милиони ноќевања од домашни и странски туристи. На моменти ми се допаѓа оваа смиреност на Амстердам, може во тишина да се прошеташ и да уживаш во овој град со 165 канали. Ние за време на празниците ќе бидеме дома во согласност со мерките и посета на фамилија и пријатели - додава Маја.






фото: Маја Трајковска
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема