X
 27.12.2021 Колумни

Годината зад нас – мачна трка. Ќе умееме ли поинаку во новата?

Посакувам новата да ни биде поинаква. Онаква што ќе можеме да ја наречеме живот каков што заслужуваме. Не сакам да верувам дека оваа што ни е на плеќите, годинава во заминување е она што го заслужуваме, навистина. Сакам да верувам дека можеме поинаку.

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште


Големото финале на уште една 365-ка е на прагот. На крајот на трката се гледа испишаниот транспарент на кој пишува ЦЕЛ, како посакувана дестинација, како точка до која сите ние, (секој со својата енергија, со своето сфаќање на трката, со своите чекори, со своите чевли за трка) како едвај да го чекаме крајот.
Секој крај е време за рекапитулација, за поглед наназад, за санирање на штетите, за детекција на грешките што се предизвикани, а со оглед на баластот кој го носиме на плеќите како багаж од годината зад нас, овој крај многу помалку е време за мерење на успесите и убавите нешта, поради кои трката би ни била поубава за гледање. Со самото тоа, би служела за една многу убава и едноставна работа – желба да ни се повтори, оти беше убава. За жал, не е така. Годинава зад нас изнедри многу сопки, многу длабоко етаблирани пречки преку кои тркачите требаше да минат и да успеат во тоа, многу туркања во туѓа патека за да се покажеме како подобри тркачи. Како по правило, најтешко трчаа оние што се разбираа во правилата на трката, кои трчаа вооружени со одговорност, почитување на сопствената патека и во функција на создавање на доброто за сите осудени да трчаат.

Мачна трка. Грд филм со тешко сценарио:

Ако се свртиме назад, она што ќе го видиме, освен што сведочи за мачното трчање кое повеќе наликува на од во место, би можело и да послужи како добра подлога за роман од жанрот на хорорите, би рекла. За едногодишна серија со многу епизоди и многу актери кои во основа немаат сенс за сценариото и улогата што ја имаат во него. Статисти кои пропуштија да си го измерат сопствениот актерски габарит и со него да овозможат испишување на едно поинакво дејство, кое многу помалку ќе болеше. Самопрогласени актери, зафатени со себеси во погрешните улоги - толку погрешни што не се здогледува колку е тоа. Многу пишував за нештата кои се дел од нашите животи во годинава која заминува. Не сакам повеќе да мерам, да бројам, да немам одговори на многуте прашања кои се толку апсурдни во ова мачно време што се граничат со неверојатност. Време кое требаше токму поради таа мачност да роди пристојност, емпатија, сфаќање на нештата онакви какви што се. Но ете, сведочевме на поинаква „рожба“. Не сакам веќе да ја раснеме, така грда. Сакам да бидам среќна во времето пред мене. Го сакам тоа за сите нас. Сакам тоа да го имаме сите – парче наша среќа во овој толку кус тајминг дефиниран како живот. Наш.

Затоа само ќе речам:

Посакувам новата да ни биде поинаква. Онаква што ќе можеме да ја наречеме живот каков што заслужуваме. Не сакам да верувам дека оваа што ни е на плеќите, годинава во заминување, е она што го заслужуваме, навистина. Сакам да верувам дека можеме поинаку. Посакувам секој да ја работи својата работа најдобро што може, со сето срце. Да ја игра својата улога, а не да глуми актер, затоа што очигледно не ги разбира штиците што живот ни значат. Посакувам енергијата која се истура низ омраза, пизма, сплетки, блуење огин и другите манифестации на светогледот во годината зад нас да се пренасочи во создавање. Посакувам да прогледаме и вистински да гледаме. Посакувам родителот да си го здогледа детето загубено некаде по пат, додека трча за него. Да биде родител по функција, а не по титула, како што секогаш милувам да кажам. Оти само така е родител кој ќе го научи како да го сфати животот и правилно да се позиционира во него. Посакувам вината за сè што се случуваше да научиме да ја адресираме таму каде што треба и тогаш кога треба. Во нас, пред сè. Посакувам она што станавме да сакаме да го поправиме, затоа што вака не чиниме. Посакувам да си признаеме дека вака не чиниме. Посакувам да станеме поубави луѓе. Посакувам да не го тегнеме ова тешко сценарио и во годината пред нас. Да не нè очекува уште една мачна трка.
Посакувам да не сме уморни повеќе. Уморни како луѓе, како родители, како пријатели, како соседи. Како колеги. Како зрелост, како старост, како младост. Уморни од недоумици, од чекања, од заминувања. Од деформации, од лоши штепови, од лоши кројки. Од погрешни патеки. Од стравови. Од бездушие. Од безвоздушие. Од очоболи. Од животни избори кои ни тежат. Од неприфаќања, од несфаќања. Од несигурност, од одмолчувања на умните и гласноста на оние што тоа не се. Од незнаење. Од непотребност.
Посакувам сите да се вооружиме со здравје, со ум, со разум, со одговорност. Со љубов. Посакувам новава пред нас да подразбере дека портата на старата ја затвораме со тресок и го фрламе клучот. Посакувам за сите нас нови порти, нови брави, нови клучеви. Нови хоризонти. Нови патеки кои ќе ги изодуваме онака како што тие подразбираат – секој во својата патека, оти тоа го умее, го сака, го сфаќа. Го живее, конечно. Нови сценарија во кои ќе си ги играме ролјите како актери што ја сфаќаат сцената. Затоа што ако ништо друго, имаме во публиката младост која од нас треба да научи две работи: како се трча и кога се аплаудира.
Многу посреќна нова, за сите нас.

Издвојуваме

Колумни