X
 27.12.2021 Живот

Природната елка може да го подобри здравјето

Вештачките новогодишни елки, измислени во 50-тите и 60-тите години, станаа популарни поради нивната практичност и долговечност, но не ги нудат истите придобивки за менталното здравје како природната елка, покажуваат истражувањата.

Традицијата на украсување новогодишни елки започнала во Германија во 16 век и се проширила во другите земји во следните три века.

Познато е дека изложувањето на природна средина го намалува психолошкиот стрес, се вели во студијата објавена во списанието „Бихејвиорал сајенсес“.

- Очекувам внесувањето малку надворешен свет во затворен простор да има позитивно влијание врз нас - вели психологот Соња Петерсон-Луис, вонреден професор на Универзитетот „Темпл“ во Филаделфија.

Позитивен ефект врз хормоните

Неколку студии покажаа дека пешачењето во шума може да има позитивно влијание врз благосостојбата на една личност.

Едно истражување покажа дека престојот во шума го намалува нивото на кортизол, хормонот одговорен за стресот.

Според студијата објавена во „Интернешнл журнал оф енвајрментал хелт рисрч“, луѓето сè уште можат да искусат некои од придобивките од престојот во шумата - како што е намалувањето на нивото на стрес - преку домашните растенија.

Вистинската новогодишна елка има многу придобивки за менталното здравје, вклучително и намалување на анксиозноста и депресијата, вели Чарли Хол, професор на одделот за хортикултурни науки на Универзитетот во Тексас.

- Луѓето имаат тенденција да бидат сочувствителни во присуство на растенија во куќата, и секако елките ги исполнуваат тие критериуми - рече Хол.

Подобрување на имунолошкиот систем


Ако изберете елка со вашите најблиски, тогаш придобивките за менталното здравје се уште поголеми, рече тој.

Изборот на дрво заедно со други лица поттикнува поврзување и ве изложува на престој на отворено, што го зајакнува вашето ментално здравје.

Природната елка може да донесе кислород во затворен простор и да го зајакне вашиот имунолошки систем.

drvo
Фото: Freepik

Вештачките дрвја изминаа долг пат во последните неколку децении, така што дрвјата кои се слични на вистинските би можеле да обезбедат некои од придобивките за менталното здравје што ги има вистинското дрво, вели Хол.

Сепак, луѓето не можат да ги искористат другите придобивки што може да ги обезбеди само вистинското дрво, како што е подобрување на вашиот имунолошки систем, додава тој.

Зимзелените дрвја се големи производители на фитонциди, супстанција која ја зголемува активноста на природните клетки-убијци, вели Хол.

Природните клетки-убијци се борат против вирусните инфекции и се дел од нашиот имунолошки систем, додаде тој.

Сепак, Хол верува дека вештачкото дрво е подобро од ништо.

Со фотосинтеза, дрвјата произведуваат свеж кислород.

- Сѐ додека иглите се зелени и има светлина, се случува фотосинтеза - вели Хол. Затоа е важно исечените дрва да се полеваат, додаде тој.

Новогодишните елки произведуваат и мирис кој може да нѐ потсети на минатото.

- Како тие влијаат врз нас, може да зависи не само од хемиските својства поврзани со маслата од дрвјата, туку и од спомените, доколку ги имаме, што ги поврзуваме со тој мирис - вели Петерсон-Луис.

Природната елка може да ги врати на површина спомените што се позитивни или негативни.

Ако таквите спомени не ја подобрат вашата ментална благосостојба, Петерсон-Луис вели дека е во ред да се градат нови обичаи.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот