X
 28.02.2019 Наука

Научниците се сигурни дека луѓето ги предизвикуваат климатските промени

Нова анализа на сателитски податоци собирани 40 години покажува дека е речиси сигурно дека човештвото активно предизвикува глобални климатски промени.

Оние што ги негираат климатските промени често тврдат дека планетата се загрева и дека природните катастрофи стануваат сè поинтензивни и почести затоа што така оди тоа - погрешно инсистирајќи дека „љубовната врска“ на човештвото со фосилните горива не е поврзана со тоа. Сега научниците велат дека шансите таа теорија да е точна се еден во милион.

Според истражување на научници од американската национална лабораторија Лоренс Ливермор, тоа е така затоа што податоците за климата сега достигнале таканаречен „златен стандард“ на научни докази - шансите се еден во милион дека актуелните климатски промени би можеле да бидат предизвикани од што било друго освен од човештвото.

- Тврдењето дека научниците не знаат што е причината за климатските промени е погрешно. Знаеме што е причината - вели Бенџамин Сантер, научник кој го водел истражувањето.

Процесот на научно истражување речиси никогаш не ја отстранува несигурноста: истражувачите ги тестираат нивните хипотези за подобро да го сфатат светот, но речиси секогаш има друг фактор кој можеби влијаел врз нивните наоди. Со други зборови, златните стандарди не се нешто што може да се сфати несериозно.

Новата анализа ги разгледува податоците од трите најголеми сетови од сателитски податоци што се користат од страна на климатолозите. Таа покажува дека два од тие сетови со податоци го стасале златниот стандард на сигурност дека човештвото ги предизвикува климатските промени во 2005 година, а третиот во 2016 година.

Нивото на сигурност, кое е ретко во научните истражувања, го прави многу јасно влијанието на човештвото врз планетата. И сега мораме да смислиме што да правиме со тоа.

- Човештвото не може да си дозволи да ги игнорира таквите јасни сигнали - стои во анализата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука