X
 28.02.2020 Живот

Народи што најдолго уживаат во пензијата

Првпат во светот има повеќе луѓе над 65-годишна возраст отколку што има деца на 5-годишна возраст, открива извештајот на Светскиот економски форум.

Како резултат на тоа, има помалку млади луѓе што можат да се грижат за пензионерите, а тоа, пак, предизвикува многу луѓе да се пензионираат подоцна од планираното.

Просечната очекувана должина на пензијата во ОЕЦД-земјите остана иста во изминативе години (20 години за жените и 18 години за мажите). Сепак, должината на пензијата може да варира поради возраста на пензионирање во една земја или животниот век.

Еве каква е должината на пензијата низ светот.

1
Фото: Statista

Новата ОЕЦД-статистика покажува дека француските пензионери најдолго уживаат во својата пензија од сите земји на ОЕЦД: речиси 27 години за жените и 23 години за мажите.

Шпанија, Австрија, Белгија и Италија се близу Франција. Во овие земји жените уживаат во пензијата 25 години.

Јужнокорејците имаат околу 10 години помалку отколку Французите, со просечни 16 години за жените и 13 години за мажите. Само Мексиканците имаат пократка должина на пензијата отколку Јужнокорејците.

Просечната возраст за пензионирање во Кореја е повисока: околу 68 години за мажите и 67 за жените. Исто така, Кореја ја има една од најстарите популации меѓу ОЕЦД-земјите.

Иако многумина ќе работат подолго отколку што планирале, нема да може да се надминат празнините во пензиските заштеди. Меѓу нациите со големо население или пазарите со значителна заштеда во пензиите, во 2015 година јазот изнесуваше 70 билиони долари и се очекува да расте.

Доколку не се преземат клучни мерки, јазот ќе се прошири. Според извештајот на „Форумот за инвестирање во (и за) нашата иднина“ за 2019 година, се предвидува тој број да достигне 400 билиони долари до 2050 година.

За да се надмине овој јаз низ земјите на ОЕЦД, клучни ќе бидат личните пензиски заштеди. Во извештајот Форумот нагласува дека креаторите на политиките, работодавците и менаџерите на средства треба да ги истражуваат стимулаторните придонеси и да оптимизираат како ќе се инвестираат овие пари.

Во некои земји, како Сингапур, ваквото размислување доведе до создавање посебни сметки за домување или здравствена заштита.

Ваквите и други пристапи за креативна заштита ќе бидат клучни за да им се помогне на луѓето да ги постигнат најдобрите резултати, бидејќи пензиите се скратуваат, а животниот век расте.

Извор: Weforum.org
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот