X
 28.03.2020 Живот

Вирусот ќе помине, а ние ќе продолжиме да газиме едни врз други

„Не излегувајте надвор без маска. Избегнувајте големи собири, блиски контакти. Мијте ги рацете долго и детално.“

Добро. Примено. Но, кога малку подобро ќе размислам, мене и не ми е страв од тој вирус. Ни од високите температури. Ни од проблемите на горните респираторни патишта. Ни од немањето средства за дезинфекција. Ни од паниката. Ни од празните рафтови во продавниците. Не одам наоколу со страв дека некој ќе ми се искашла в лице.

Вирус како вирус, ќе помине. Секое чудо за три дена. Но, ајде да бидеме сериозни и реално да ја согледаме ситуацијата - ние сме инфицирани со нешто многу полошо, нешто што не поминува. Со години живееме во бунило. Со години бладаме. Плитко дишеме и тешко се движиме. Сѐ во страв да не се заразиме - со човечност. Со добрина, ако така ви е подобро.

Веќе не се грижиме едни за други. Не ни е гајле ако на оној покрај нас му е лошо. Умираме, а никој не знае, нѐ наоѓаат дури кога смрдеата почнува да излегува од под врата. Се плашиме едни од други. Немој со него, гледаш дека нема ни куче за што да го касне. Види го каков е, валкан, парталав... Немој ни со него, тој никаде не работи. Го отпуштија од работа. Каква корист имаш од него...? Кој не е за себе, не е ни за друг. Па што ако нема, немам ни јас, па не барам од никого. Гледај си ја својата работа. Којзнае, можеби е дрогиран. Не допирај го. Има кој да му помогне. Заклучи се. Три пати. Не отворај никому. Не јавувај се на телефон. Тргни се од прозорецот. Симни се долу. Ти си следниот. Следната. Следните.

Ние сме дел од експеримент. Се менуваме - во строго контролирани услови. Сѐ што со години сме граделе, сѐ она на што нѐ учеа - пропаѓа преку ноќ. Новите околности бараат некои нови луѓе. Лукави. Жилави, бесрамни примероци. Подготвени на сѐ. Се приспособуваме, кој како знае и умее. Слабите и ранливите пропаѓаат. Колку е поголем притисокот, толку сме помали. А стравот... стравот се шири побрзо од најбрзиот вирус.

Ситуацијата е далеку полоша отколку што сакаме да веруваме. Неопходните мерки ги преземавме уште одамна. Се избегнуваме едни со други во широк лак. Не се допираме. Не се прегрнуваме. Не се поттупнуваме по рамо. Не разговараме. Далечни сме. Отуѓени. Се затвораме во себе. Во своите 4 ѕида. Не спиеме заедно. Не ручаме. Минуваме денови во изолација. На апарати за дишење. Животите ни минуваат во индуцирана кома. Карантин на мозокот, срцето, сѐ.

Имуни сме на постари, послаби, болни. Деца. Маски носиме одамна. Се преправаме дека сме нешто друго. Негираме. Не сме слушнале добро. Не сме виделе. Па и што ни е гајле? Го избегнуваме секој можен контакт. Не се препознаваме веќе. Затекнати сме од сопствените реакции. Разочарани. Миеме раце. Долго и детално. Од сѐ. Од сите.

Целта повторно ги оправдува средствата. Газиме едни врз други за први да влеземе во тој чамец за спасување. А фајде нема бидејќи кога водата еднаш ќе влезе и бродот ќе тргне надолу, сите ќе нѐ повлече со себе. Дури и да успееме да отпливаме доволно далеку и да стигнеме до тој некој имагинарен остров, што ќе направиме кога ќе сфатиме дека е пуст?

Дали тогаш еден вирус, една корона, навистина е најлошото нешто што може да ни се случи? Во време во кое девалвираме како вид, изумирањето не е исклучок, смртниот исход кој му се случува на некој друг. Изумирањето е логична последица за сите нас. Порано или подоцна. Помислете на тоа кога следниот пат ќе миете раце. Долго. Детално. Од сѐ и од сите.

Автор: Даниела Бакиќ
Извор: Detinjarije
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот