X
 28.03.2021 Образование

Ова се најпопуларните бесплатни курсеви за програмирање на „Курсера“

Пазарот на труд се промени поради пандемијата на коронавирусот и нејзините последици. Многумина размислуваат за менување на професијата, а голем дел од овие лица се привлечени од професии во технолошкиот сектор. Затоа сега се популарни онлајн-курсевите за програмирање или кодирање.

Основите на програмските јазици може да се научат за неколку недели, иако се потребни месеци за да се стане вешт во користењето на овие јазици. Сепак, условите се идеални за учење програмски јазик со оглед на тоа што сите сме принудени да останеме дома повеќе од порано. Доколку сакате да научите програмски јазик, а не знаете кој и како да почнете, платформата „Курсера“ може да ви помогне. Оттаму велат дека следните бесплатни курсеви се едни од најпопуларните што се достапни на платформата.

„Пајтон за секого“ (Python for everybody)

Овој курс од Универзитетот на Мичиген ги учи курсистите да програмираат, анализираат и визуализираат податоци со „Пајтон“.

„Веб-дизајн за секого: Основи на веб-девелопмент и кодирање“ (Web design for everybody: Basics of web development & coding)

Овој курс, исто така, е од Универзитетот на Мичиген и вклучува учење на ХТМЛ5 и ЦСС, како и вештини за веб-дизајн со „Јаваскрипт“.

„Кодирање за секого: Ц и Ц++“ (Coding for everyone: C and C++)

Универзитетот на Калифорнија во Санта Круз го нуди овој курс во кој се покриваат основите на програмирањето во Ц и Ц++, подготвувајќи ги курсистите за работа со комплицирани проблеми со алгоритми.


Фото: Pixabay

„Програмирање во 'Јава' и основи на софтверско инженерство“ (Java programming and software engineering fundamentals)

Овој курс од Универзитетот „Дјук“ е за почетници и вклучува основни концепти за програмирање, како и вештини кои би му биле потребни на еден софтверски инженер, од дизајнирање алгоритми до тестирање програми.

„Компјутерска наука: програмирање со цел“ (Computer science: Programming with a purpose)

Универзитетот „Принстон“ го нуди овој курс кој се фокусира на „Јава“ и започнува со вовед во основните елементи на програмирањето.

Според Светскиот економски форум, половина од работниците во светот ќе треба да научат нови вештини до 2025 година, а дури и оние што ќе ги задржат сегашните позиции ќе треба да се адаптираат.

Автор: Натали Мерчант
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование