X
 28.03.2022 Наша тема

Училишните униформи – решение за социо-економските проблеми или задушување на индивидуалноста?

Кога ние, повозрасните зборуваме за училишни униформи, без исклучок, а сигурно и поради многубројните напластени проблеми кои воспитно-образовниот систем ги живее долго време, дискусијата секогаш ја боиме со носталгија и ја водиме само во еден правец: наназад низ годините кога училиштето било институција, кога наставникот бил поим за почит и кога било незамисливо да се влезе во училиштето без униформа, која како ученици нѐ сместувала во учебна средина без дебата дали униформата е потребна или не. Била задолжителна и тој факт не се доведувал во прашање. Сина или црна, на патент, со два џеба од страните, до над колена. Муабет задолжително придружен со насмевка, во чест на сеќавањата на едно поинакво време.

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Нештата се сосема поинакви денес. Современите трендови ги сменија погледите на многу работи кога е образованието во прашање – училиштата станаа средини каде што годините се отседуваат, правата се поголеми од обврските, а мотивот да се излезе од клупите побогат во умот и светогледот е заменет со трката по оценки зад кои најмалку го има најпотребното: знаењето. Дел од воспитно-образовната приказна секако го опфаќа и аспектот на училишните униформи и спротивставеноста на ставовите кога се тие во прашање: што се добива, а што се губи со нив. Со оглед на случувањата, се чини дека при мерењето на аргументите натежна тасот кој ги апострофира загубите.

Ако ги гледаме, би рекла само „сувите“ аргументи за и против, кои произлегуваат од многубројните истражувања, без да се навлегува во нивната тежина, испливуваат на површина следниве аспекти:

1. Аргументите „за“ училишните униформи:

*учениците се под помал притисок што да облечат,
*униформите се поевтината опција за родителите на подолг рок,
*униформите придонесуваат за атмосферата за учење поради поголемото концентрирање на учениците на учењето, а не на личните аспекти,
*униформите влијаат врз рамноправноста поради отстранувањето на општествена сегрегација, со што влеваат чувство на припадност,
*униформите го намалуваат злоупотребувањето и насилството помеѓу учениците бидејќи се намалуваат општествените конфликти заради намалената можност за осудување на различните,
*полесно се препознаваат „натрапниците“ кои влегуваат во училиштето, со што се обезбедува посигурно училишно опкружување,
*наставниците се пообјективни кон учениците поради доаѓањето до израз на личноста на ученикот, а не неговиот изглед (врзан со тоа чие е детето),
*униформите го подигнуваат нивото на почитување на заедничкиот кодекс на однесување,
*училиштето има имиџ на сериозна, културна средина во која знаењето е важно.

2. Аргументи „против“ училишните униформи:

*Униформите можат да предизвикаат надворешно насилство,
*Униформите можат да го отежнат процесот на донесување одлуки кај учениците,
*Униформите можат да предизвикаат дополнителни проблеми кај децата и родителите во материјална смисла, со што го доведуваат во прашање концептот на бесплатно образование,
*Униформите ја одземаат индивидуалноста и слободата на лично изразување,
*Униформите можат да предизвикаат потреба учениците, во недостиг на израз преку облекување, да се манифестираат себеси низ други средства, како пирсинг, нападно шминкање и слично,
*Униформите често можат да ги „сокријат“ покрупните проблеми, како што се изразеното отсуство од настава или слабото учење, а во основа не се во можност да ги надминат разликите меѓу учениците во поглед на нивниот материјален статус – мобилни телефони или брендирани патики,
*Униформите се доживуваат како наметнување во време кога демократијата поприма други димензии и подразбира право на персоналитет, сѐ додека со него не се загрозува другиот.

Што може да се заклучи?

Предностите и недостатоците на училишните униформи покажуваат дека, од една страна, тие го имаат потенцијалот да го зголемат нивото на оценки, чувството на припаѓање, дисциплината и еднаквоста, да го јакнат идентитетот на групата, како и да им овозможат на учениците да го сфатат концептот на „облекување за успех“ со цел подобро да се подготват за преземање на идните улоги во светот на возрасните. Но, од друга страна, се смета дека ја кршат слободата на изразување, што во модерната доба станува многу важно, претставуваат материјален трошок за семејниот буџет и не се гаранција за успех на учениците. Истовремено, се смета дека униформите ја убиваат креативноста, а влијаат и врз тоа како учениците ги сфаќаат различностите, по принципот „ако сите изгледаме исто, како сме различни.“ Тоа во основа значи дека со униформите се спречува последицата, но не и причината, затоа што со нив само привидно се решава проблемот мерен преку нееднаквоста на учениците, што може да се реши само со промените во општествениот систем на вреднување. Сѐ почесто опстојува ставот дека во училиштата не треба да се тежнее кон создавање вештачка состојба во која сите ученици се исти, затоа што не се, туку треба да се учат дека е потребно да ги прифаќаат разликите и успешно да соработуваат без оглед на нив. Секако, стои и ставот дека треба да се имаат предвид аспектите според кои униформите промовираат дисциплина, билдање на припадноста и градење на тимскиот дух.

Конечно, униформите сами по себе се само едниот аспект кој би можел да придонесе кон поголемата ефективност на училиштата, затоа што проблемите се повеќеслојни и ги подразбираат големите отсуства, немотивираноста за учење, амбицијата за повисоки оценки од заслужените, недисциплината, булингот, дисфункционалноста на семејствата. Правилното одмерување и соочување на за и против аргументите ќе овозможи диференцирање на потребата од униформите и нивниот придонес во процесот на решавање на воспитно-образовните проблеми на новото време.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема