X
 28.04.2021 Наша тема

Колумна на проф. д-р Ратко Дуев: За предложениот колективен договор и платите во високото образование

Зошто СОНК по 20 г. се заинтересира за високото образование? Во изминатите 15 г. СОНК успеа платите на вработените во основното и во средното образование да ги покачи за 60%. УКИМ доби само 10%. Дали колегите што сметаат дека овој колективен договор е добар можат да ми објаснат зошто ние не добивме покачување од 60% изминатите години?

Пишува: Ратко Дуев, редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје


Многупати во изминатите години од медиуми бев прашуван дали универзитетите во нашата држава имаат автономија? Мојот став, изграден од моето долгогодишно работно искуство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како во минатото, така и денес, е ист: без финансиска и кадровска автономија нема вистинска автономија! Дали и по еден век од институционалниот развој на високото образование во нашата земја, кој започнува со основањето на Филозофскиот факултет во Скопје во 1920 г, универзитетите имаат вистинска автономија? Одговорот е не!

По протестите на студентите и наставниците во 2014 г. (при што сите настани се случуваа на Филозофскиот факултет, како единствена слободна зона на високото образование) се создаде работна група составена од членови на МОН, УКИМ и професорскиот пленум, која имаше задача да изработи нов Закон за високо образование со кој ќе се решат долгогодишните проблеми наталожени во високото образование. Во предлогот на работната група во голем дел од членовите беше гарантираа кадровска и финансиска автономија. Зошто не беше прифатен овој предлог-закон? Причините се јасни: вистинската автономија е закана за политиката и оневозможува контрола на универзитетите. За да не дојде до вистинска автономија, беа изготвени уште два предлози и како некаква комбинација од трите предлози беше донесен новиот ЗВО во 2018 г. (според кој Националниот совет и Собранието ќе одлучуваат за финансирањето на високото образование, што не е конституиран и по три години од донесувањето на законот). Ако во овој Закон пребарате во колку членови се споменува „Министерството за финансии“ и „финансирањето е на товар на единиците“, ќе ви стане јасно дека намерата е универзитетите да немаат финансиска и кадровска автономија (намера стара три децении). За одговорните лица се предвидени и казни затвор ако некој се дрзне да постапи без согласност на МФ. Секако, во законот нема ниту збор за платите на професорите. Дали и новиот ЗВО донесе вистинска автономија? Одговорот е не!

Во минатото за високото образование беа надлежни Министерството за наука и Министерството за образование. Денес нема Министерство за наука (а нема ни финансирање наука), а зголемен е и бројот на министерства од кои зависи високото образование: Министерство за образование и наука, Министерство за финансии, Министерство за информатичко општество и администрација и Министерството за труд и социјална политика (кое е одговорно за масата на плати!?). Како член на Ректорската управа на УКИМ, бев дел од многу преговори за зголемување на платите и финансирањето на ВО. Многу ветувања, многу време потрошено на состаноци, резултат? Филозофскиот факултет организираше јавни расправи за финансирање на високото образование на кои беа присутни високи владини претставници, НАКС своите истражувања за финансирањето на високото образование и споредбата на платите во регионот и пошироко ги објави во монографија... Дали сите овие напори дадоа некаков резултат? Резултатот е: платите на наставниците во високото образование се најниски во регионот, помали дури и од една новоформирана држава како Косово. До кога треба да дебатираме и истражуваме? Во изминатите години најмногу средства од буџетот се одвојуваа за Универзитетот „Мајка Тереза“, а најмалку за УКИМ. Дали ресорните министерства во изминатите децении ја почитуваа автономијата на универзитетите? Одговорот е не!

Во изминатите 15 години нашите плати се покачени само за 10% на платата што ја даваат МФ И МОН. Прашањето е зошто за овие покачувања не требаше колективен договор? Поради ветените 10% во 2019 г., УКИМ мораше да организира репрезентативен синдикат за да се реализира ова покачување по барање на ресорните министерства. Можеби не очекувале, но УКИМ организира репрезентативен синдикат во кој се вклучени сите вработени: и наставен и ненаставен кадар. Одеднаш се крена бура, реагираа синдикати дека не било законски, покачувањето не се реализира. Од друга страна, научните институти формираа гранкови синдикати и значително им се зголемија платите (повеќе од 10%), но ниту еден синдикат не реагираше. Немајќи репрезентативност, НАКС го приклучија кон СОНК. Секако дека поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата и економската криза во која живееме, свесни за состојбите во државата, иницијативите запреа. Во услови на криза и намален број на студенти, навистина е позитивно што државата започна да ни го плаќа минатиот труд. Според законските норми, неколку факултети на УКИМ исплатениот минат труд го додадоа на платите на вработените за јануарската плата со цел вработените по 20 г. да почувствуваат некакво покачување на нивните примања. Но бевме вратени да направиме корекции со закана дека поради Филозофскиот факултет, на ниту на една единица на УКИМ нема да ѝ се исплати минатиот труд (иако има законска основа за тоа барање и образложение, беше одбиена пресметката, со напомена да доставиме барање до МТСП за зголемување на масата на средства, кое во изминатите 10 години не дозволи покачување на масата на плати на ниту еден факултет, под изговор дека станува збор за затекната состојба). Дали универзитетите имаат финансиска автономија? Одговорот е не!

Јавноста и вработените на универзитетите сигурно се прашуваат зошто одеднаш ресорното министерство се реши на ваков чекор? Доколку ги прочитате и колективниот договор на СОНК и на ССУКИМ, ќе ви стане јасно. Ако ги анализирате и споредите, ќе ви стане јасно зошто одеднаш се појави колективниот договор на СОНК. Колективниот договор на ССУКИМ е во Собрание, а МОН во законскиот рок од 14 дена не доставил мислење до Собранието. Но Собранието, по долгата блокада, почна да функционира. И одеднаш без никакви консултации со УКИМ и другите универзитети се овластуваат МОН и СОНК да го потпишат колективниот договор. Дали синдикатите имаат автономија? Одговорот е не!

Зошто СОНК по 20 г. се заинтересира за високото образование? Во изминатите 15 г. СОНК успеа платите на вработените во основното и во средното образование да ги покачи за 60%. УКИМ доби само 10%. Дали колегите што сметаат дека овој колективен договор е добар можат да ми објаснат зошто ние не добивме покачување од 60% изминатите години? За да верувам во „добрите намери“ на СОНК, сметам дека СОНК прво треба да ни ги врати изгубените покачувања и да ни се покачи платата за 50%, па тогаш да размислувам за фамозните 10% за 2021 г. (оние претходните од 2019 некако не се ни споменуваат).

Колегите од УКИМ доставија до ССУКИМ сериозни забелешки за предложениот колективен договор во кој се дискриминира ненаставниот кадар на Универзитетот, а се деградира наставниот кадар. Она што изненадува во изминатите години е што ниту еден министер во МОН не извлече поука од неговите претходници. Зошто упорно младите и неискусни државни функционери влечат вакви избрзани потези? Зошто не можат да разберат дека станува збор за професори, кои и во никакви услови постигнале резултати на многу полиња, учествувале во многу државни стратегии и законски уредби и не можат да се манипулираат? Сметам дека тоа или се должи на нивното немање искуство и познавање на високото образование или поставување слаби советници кои наведуваат на грешни размислувања. Трето нема.

Дали изготвувачите и бранителите на овој колективен договор знаат што е претставува зборот „автономија“? Одговорот е не!

Секое покачување на платата е позитивно. Но начинот на кој тоа треба да се постигне и со ваков колективен договор е уште еден удар врз автономијата и демократијата. Се консултираа НАКС и СОНК кои немаат репрезентативен број на членови на вработени во високото образование. Повторно малцинството го тероризира мнозинството. Некако ни стана пракса. Тоа е сериозен удар врз македонската демократија. Не се споменува ништо за финансиската и кадровската автономија. „Консултантите“ молчат за фактот дека финансиите на факултетите паѓаат од година на година. Само во првиот квартал ФЗФ има 10% помал прилив од минатата година. За некои колеги и учесници во овој процес како да е запрено времето во 2006 г. Постојано укажував дека Универзитетот и факултетите немаат сопствени средства како во минатото поради падот на наталитетот и миграциите на населението. Само Филозофскиот факултет, ако споредите со 2006, во минатата година имал 2,5 пати помал прилив на сопствената сметка (научната работа и многуте проекти што ги води ФЗФ амортизираат дел од тој пад). 80% од тие средства одат за плати и надоместоци, а каде се другите трошоци? И со 2,5 пати помал буџет се инвестира во бесплатна телефонија и 10 ГБ интернет на секој вработен, стручно усовршување, издавачка дејност, набавка на ИТ-опрема, во екот на пандемија по урнек на сите светски универзитети набавени се платформи за е-учење, дата бази... листата е долга... да напоменам: сето тоа е од сопствените средства!

Ако внимателно го погледнете предложениот колективен договор, добивате впечаток дека борбата на синдикатите е насочена кон сопствените средства на универзитетите, во услови кога државата ни ги замрзнала платите 20 г., а сопствените средства се намалуваат сè повеќе и повеќе? Самите на себе непријатели - не разбирам! Во колективниот договор сè е врз работодавецот!? Вишок часови – да плати работодавецот, мирување – работодавецот, нема работодавецот да дава функционални додатоци под изговор, експлоатација на наставниците, регресот, јубилејни награди... Се прашувам кој е виновен за немањето кадровска и финансиска автономија? Според колективниот договор на СОНК — работодавецот! СОНК и НАКС го штитат МОН, директно го ослободуваат од финансиски обврски да ги плаќа сите овие „придобивки“, но итро, повторно да паднат на товар на универзитетите кои немаат ниту кадровска ниту финансиска автономија, но и да го уништат системот на раководење за да се спречи какво било барање за решавање на овие прашања. Му помагаат на МОН со покачување од 10 проценти по долги години да заштеди 1.000 пати повеќе. Од друга страна, овој договор не опфаќа една третина од вработените на универзитетите, а тоа е администрацијата. Дали се ова вистински синдикати кои се борат за своите колеги и за вистинската автономија? Одговорот е не!

Не знам на што се должи таа лутина и желба за одмазда. Замислете со колективниот договор ќе се подигне квалитетот на наставата, затоа што се ограничува правото на ректорот, проректорите, деканите и продеканите да ги трошат сопствените средства на нетранспарентен начин за исплата на хонорари за себеси. Страшно. Во услови кога сите одлуки ги носат ректорските управи, сенатите на универзитетите, деканатските управи, наставно-научните совети, сите финансии и договори се јавно достапни на веб-страниците, ректорите и деканите поднесуваат секоја година извештај за својата работа и финансиски извештај пред сите колеги, кои извештаи се објавуваат и се јавно достапни, синдикатот бара да ги проверува исплатите според закон за достапност на информациите од јавен карактер. Ме загрижува тоа што не можам да ја најдам причината за ваквата недоверба на мал број од колегите и квалификување на сите раководни лица на универзитетите како криминалци. Според член 55, работникот има право да не оди на работа доколку работодавецот на работникот не му обезбедува безбедност и здравје при работа, во согласност со пропишаните мерки и нормативи за безбедност и здравје при работа. Како факултетите во дотраените згради да обезбедат безбедност при работа (дотраена инсталација, недостапност, ниту еден стандард не е задоволен)? Тогаш сите ние треба да не одиме на работа бидејќи нашите згради ги немаат тие стандарди, и да ги затвориме факултетите. Зарем Синдикатот ќе ги преземе ингеренциите на Финансиската полиција? Ако некој не верува во овие институции на државата како Државен завод за ревизија, ОЈО, МВР, СВР, ГЈО, ДПИ, ДКСКС, тогаш нека бара таму да се сменат „работодавците“.

На крајот доаѓам до клучното прашање „работодавецот“. Секој редовен професор на УКИМ може да биде избран за ректор или декан доколку мнозинството колеги на непосредни и тајни избори имаат доверба во него. Функцијата декан и ректор не е ново работно место, дополнителен ангажман како времено одговорно лице со мандат од три години. Ректорот и деканот не може да бидат работодавци бидејќи УКИМ не е приватен универзитет. Тие немаат кадровска автономија да вработуваат. Согласност дава Министерството за финансии, а вработуваат сите наставници - членови на ННС. Одлуки носат наставно-научните совети на единиците. Тие вработуваат, избираат и одлучуваат. „Работодавец“ се сите наставници на универзитетите, тоа е вистинската автономија. Тогаш каде е проблемот?

Она што го научив од моите постари професори е дека владите и министрите се менуваат, а титулата професор ја носиме додека сме живи, но и дека мора да бидеме достојни на неа. Со макотрпна работа стигнавме до неа и да не дозволиме на ваков начин да го урнеме нејзиниот углед. Енергијата и расправите на вработените во високото образование треба да бидат насочени кон вистинските „работодавци“, оние што со децении ја имаат „финансиска и кадровска автономија на универзитетите“, здружени да се обидеме да ја зачуваме автономијата и да ја вратиме вистинската автономија, но најважно изгубените работнички права. Доколку се усвои овој колективен договор, ќе бидеме сведоци на прес-конференции дека ете качени се платите во високото образование (а ќе изгубиме уште поголем дел од нашата автономија), дека се вработени 300 лица во високото образование (всушност, нема вработувања, бидејќи на неколку факултети е дадена согласност за наставници на определено време до 31.12.2021 г., спротивно на ЗВО).

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема