X
 28.05.2019 Живот

11 начини да станете милионер

Стив Сиболд, човекот кој станал милионер така што го проучувал начинот на работа на 1.200 најбогати луѓе на светот и учел од нив, вели дека во економијата со која владее слободниот пазар секој може да стане богаташ до 30 години. Прашањето е дали тоа е реално и за нас во Македонија, но вреди да се обидеме.

Ова се 11 нешта што секој човек треба да ги направи до 30 години ако сака да се најде во друштвото со оние што на сметките имаат по најмалку седум цифри.

1. Фокусирајте се на заработката

Во денешниот свет не можете да станете милионер штедејќи, туку исклучително заработувајќи пари, смета Грент Кардоне, човекот кој на 21 година бил во долгови, а на 30 станал милионер.

- Сè што треба да направите е да се фокусирате на тоа вашиот приход постојано да расте. Нема врска што трошите пари, важно е да правите сè што е во ваша моќ вашата заработка да биде сè поголема и поголема - вели Кардоне, кој денес заработува околу 170.000 долари месечно.

2. Развијте неколку извори на приходи

Во студијата на Томас Корли, кој направил петгодишно истражување за милионерите, се открива дека сите имале неколку извори на приходи. Дури 65 отсто од милионерите ги заработувале парите од најмалку три извори, 45 отсто генерирале пари од најмалку четири, додека 29 отсто од богаташите заработувале од пет и повеќе страни. Овие извори најчесто подразбираат заработка од недвижности, работа на берза и партнерски работи.

3. Штедете за да инвестирате

- Единствената причина поради која треба да штедите пари е за подоцна да инвестирате во нешто. Ставете ја вашата заштеда на сметки кои никогаш нема да ги користите, освен кога ќе соберете доволно средства за исплатлива инвестиција. Тоа ќе ве принуди да ја исполните точката еден (зголемување на приходите) - вели Грент.

4. Бидете одлучни

- Избегнувајте летаргија кога станува збор за носење одлуки - вели Такер Хјуз, кој станал милионер на 22 години.

Тој советува сите да ја зачуваат својата ментална сила со носење едноставни одлуки што е можно побрзо.

- Станете како автопилот. Агресивно развивајте ја способноста за носење одлуки и намалете го губењето на време на минимум. Јас веќе знам што ќе облечам следната недела. А вие - прашува Хјуз.

5. Не фалете се

- Мојот прв скапоцен часовник и првиот автомобил ги купив дури кога во мојот бизнис се слеваа пари од неколку различни извори. Дури и кога станав милионер го возев стариот автомобил. Бидете познати по својата работна етика, а не по нештата што можете да ги купите - вели Кардоне.

6. Променете ја свеста за парите

- Збогатувањето почнува со начинот на размислување за стекнувањето пари. На крајот од денот тајната е секогаш иста: мислењето. Додека масата верува дека збогатувањето е нешто што е далеку од нивните можности, богаташите знаат дека заработувањето пари започнува од размислувањето - вели Стив Сиболд, уште еден од оние што со сопствена работа заработиле милиони.

7. Инвестирајте во себе

Најсигурната инвестиција што можете да ја направите е инвестицијата во сопствената иднина. Читајте најмалку 30 минути дневно, додека возите слушајте радиостаници кои емитуваат паметни нешта и постојано барајте квалитетни ментори. Не треба да бидете извонредни само во своето поле на работа, туку мора да бидете и сестрано лице кое може да разговара за која било тема, независно дали станува збор за политика, спорт или нешто поврзано со финансии. Консумирајте го знаењето како што консумирате воздух.

8. Отфрлете ја фиксната плата

Богатите луѓе обично сами на себе си се работодавци, односно сами си ја одредуваат платата. Сиболд вели дека и во конвенционалниот бизнис „од 9 до 5“ има врвни работници, но наведува дека тоа е најбавниот пат до напредувањето, пред сè затоа што се претставува како „најсигурен“. Тие најдобро знаат дека најбрзиот пат до богатството е кога сте сам свој газда.

9. Поставете си цели

Ако сакате да заработите многу пари, морате да имате јасна цел, а потоа и специфичен план за нејзина реализација. Парите нема да се појават тукутака, морате да ги заработите. А за тоа се потребни фокус, знаење и многу работа.

10. Минувајте време со луѓето на кои им се восхитувате

Ендрју Карнеги, кој бил сиромашен пред да стане најбогатиот човек во САД, тврди дека единствената формула за збогатување е теоријата според која треба да бидете опкружени со талентирани и интелигентни луѓе кои ја споделуваат вашата визија бидејќи сојузот од креативци е многу посилен од индивидуалното мислење. Притоа, со текот на времето станувате како луѓето со кои го минувате времето - значи богати.

11. Целта нека ви бидат десет милиони, а не еден

- Најголемата финансиска грешка што ја направив е тоа што не бев доволно амбициозен. Ве охрабрувам да одите на голема заработка. Барајте десет наместо еден милион. Не постои недостиг од пари на оваа планета, само недостиг од луѓе кои не размислуваат доволно широко - заклучува Кардоне.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот