X
 28.05.2019 Наука

Научници открија недопрени џебови со морска вода од последната ледена доба

Научници открија уникатна „архива“ на океанска вода од последната ледена доба пред околу 20.000 години.

Палеокеанографијата, која го истражува составот на античките океани изгубени во историјата, речиси секогаш се потпира на овластени методи бидејќи таквите водни тела се исчезнати многу одамна.

Но, ако го имате вистинскиот брод и дупчалка, изгледа дека некогаш можете да ги допрете исчезнатите океани директно во изворот - што е еднакво добро како да имате временска машина.

Тоа го пронајде тим предводен од геохемичарката Клара Блетлер од Универзитетот во Чикаго додека бил на истражувачки брод за време на експедиција во Индискиот Океан.

Додека ги проучувале морските седименти на Малдивите, истражувачите откриле нешто што не очекувале да го пронајдат - директен доказ за тоа каков би бил океанот за време на последниот глацијален максимум.

Последниот глацијален максимум е кога ледените површини последен пат го достигнале максимумот, пред да почнат да се топат пред околу 20.000 години. Кога се случило тоа големо топење, вистински океан од лед се стопил и се ослободил во солената морска вода.

Површината на Земјата оттогаш не ја видела таа античка солена вода. Сè досега.

Со извлекување километри јадра на карпи закопани длабоко под Индискиот Океан истражувачите пронашле траги од изгубениот океан апсорбирани во порозните камени формации пред многу милениуми, кои биле зачувани таму.

- Претходно сè што имавме за да ја реконструираме морската вода од последната ледена доба беа индиректни патокази, како фосилни корали и хемиски белези од седименти на дното на морето. Но, од сите индикатори изгледа многу јасно дека сега имаме вистинско парче од овој океан стар 20.000 години - истакна Блетлер.

Дел од извлечените јадра
Фото: Science Alert

За време на експедицијата истражувачите извлекле повеќе од три километри седиментни јадра богати со карбонат и успеале да извадат флуиди од пори од длабоките камења - откривајќи различни водни маси со специфични карактеристики на глацијална морска вода и во поголемиот дел непогодена од дифузија или дисперзија.

Овие техники би можеле да бидат од помош за идните палеокеанографски откритија за други океани или за анализирање на морска вода од други периоди од далечната геолошка историја. Секако, тоа би можело да се случи ако и другите извори на флуиди од пори ја зачувале водата доволно добро и ако може да се пристапи до нив.

За тоа секако нема гаранции, но фактот дека можеме да најдеме остатоци од загубени океани како овој е прилично неверојатен.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука