X
 28.05.2020 Живот

Што вели науката за тоа што е добра фотографија на „Инстаграм“

Многу корисници на „Инстаграм“, како и оние кои работат на промоција на социјалните мрежи на одреден бренд, се обидуваат да ја најдат добитната комбинација на композиција, осветлување, боја и тема која ќе донесе „лајкови“, следбеници и генерално, популарност на социјалната мрежа. Според еден невронаучник, кој работи и како дизајнер, постои цела наука позади сето ова.

Теди Ашер објаснува дека луѓето имаат два системи на размислување. Првиот е оној кој ни овозможува брзо да процесираме многу информации без да се измориме. Ова се случува брзо и потсвесно. Луѓето го користат токму овој начин на размислување кога ги проверуваат најновите фотографии на „Инстаграм“.


Вториот систем е оној со кој го фокусираме свесниот ум и користиме логика и разум. Луѓето го користат овој начин на размислување кога мозокот одеднаш препознава нешто интересно и застанува за да се фокусира на него.


Фото: Pixabay

Според Ашер, има работи кои може да влијаат на овие системи на размислување. На нив може да влијаат сетилата, односно работи кои ги гледаме, слушаме, мирисаме, допираме и вкусуваме. Може и да влијаат работи кои имаат когнитивна природа, како цели, спомени или емоции.


Овие две во комбинација може да се искористат за да се привлече вниманието на следбениците на „Инстаграм“. На пример, кога гледате во одредена фотографија, вниманието ќе ви го привлече нешто што е најсветло и највпечатливо, но доколку продолжите да гледате во неа, може да пронајдете емоционална врска во остатокот од фотографијата поради која ќе се задржите на неа.


Фото: Pixabay

Според експертите, човекот ја процесира и препознава сликата за 13 милисекунди. Во 2013 година, едно истражување покажало дека фотографиите на „Инстаграм“ во кои доминира сината боја имале 24% повеќе „лајкови“ отколку фотографиите на кои доминирала црвената и портокаловата боја. Но, истражувањата покажале и дека црвената повеќе го привлекувала вниманието на луѓето во рекламите на „Фејсбук“.

Во секој случај, бојата игра голема улога во привлекувањето на вниманието на следбениците на социјалните мрежи. Едно истражување покажало дека начинот на кој ги организираме боите на сликите може да имаат влијание на нашата меморија и фокусот. Било откриено и дека користењето спротивни бои како контраст во однос на позадината може да го привлече вниманието на следбениците. Во практиката, без разлика кои бои одберете, важно е нивната комбинација да биде уникатна.


Фото: Pixabay

Освен дизајнот и композицијата на сликата, што го привлекуваат вниманието, треба да се посвети внимание и на емоцијата која се пренесува со сликата за да се остави долготраен печат. Истражувањата покажуваат дека почесто помниме нешто што предизвикало некаква емоција во нас, а понекогаш тоа влијание се случува и на потсвесно ниво. Тоа значи дека некој што седи на „Инстаграм“ половина час можеби ќе стави „лајк“ на фотографиите кои ќе му го привлечат вниманието со бојата или интересниот изглед, но ќе ги запомни фотографиите кои ќе му предизвикаат одредено чувство, без разлика дали тоа е лутина, страв, среќа, тага, изненадување или љубов.

Кога се обидувате да направите добра фотографија на „Инстаграм“, размислувајте за публиката. Прашајте се за што се грижи публиката и што сака да види. Конечно, експертите советуваат да се размислува за начинот на кој се поврзуваме со чувствата кои сакаме да ги покажеме за тие да се пренесат успешно.

Автор: Андреа Хак
Извор: thenextweb.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот