X
 28.05.2021 Живот

Фудбалерите од македонската репрезентација како анимирани херои во најновата сликовница од „Светот на Биби“!

Најновата сликовница од „Светот на Биби“ е посветена на фудбалот и на македонската фудбалска репрезентација. Во неа целата македонска репрезентација е претставена во анимирана верзија од вештите раце на Михајло Димитриевски - Тхе Мичо, арт-директорот на „Светот на Биби“. Оваа сликовница/алманах претставува вистински сувенир кој ќе зборува за овие историски денови за македонскиот фудбал. Во неа има и постер, покрај кој заедно ќе навиваме за Македонија на Европско. Текстот го напиша Билјана Црвенковска со помош на стручниот соработник Никола Петровски, додека за графичкото обликување се погрижија Ивана Јовановска и Катарина Пренда.

Децата (и возрасните) можат да научат повеќе за светскиот и за македонскиот фудбал преку едукативниот дел на сликовницата. Читателите ќе ги видат своите херои – македонските фудбалери и селекторот Ангеловски претставени како анимирани ликови во рамките на алманахот на македонската репрезентација. Заедно со омилените ликови Биби и Боби ќе „отпатуваат“ на Европското првенство и ќе ја бодрат македонската репрезентација преку најновата сказна – „Биби и Боби на Европско првенство“. Накрај ќе можат да си го залепат на ѕид постерот со македонската репрезентација, кој доаѓа заедно со сликовницата.

Оваа сликовница не е само за децата што растат сега, туку и за сите генерации што растеле со желба да ја видат Македонија и нашата репрезентација на Европско првенство во фудбал. Од „Светот на Биби“ велат дека посветено работеле на создавање на нешто што ќе остане во домашните архиви да сведочи за најголемиот фудбалски успех на Македонија досега. „Секое дете, растејќи и играјќи фудбал со другарчињата, сонувало за тоа да ја види нашата репрезентација на едно вакво првенство. За македонските деца, овој период ќе остане врежан во меморијата засекогаш. Затоа ја креиравме сликовницата и за нашите деца, но и за децата во нас кои ќе навиваат со сета детска жар за македонската фудбалска репрезентација од јуни“, додаваат од „Светот на Биби“.

Сонот ни се остварува, а „Светот на Биби“ е тука за да ги овековечи овие моменти во анимирана верзија, како единствен целосно македонски анимиран производ.

Сликовницата е достапна во сите продажни места на „Светот на Биби“ и може да се купи онлајн преку официјалната електронска продавница www.svetotnabibi.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот