X
 28.05.2021 Живот

Ова била најважната промена што ја направил Стив Џобс кога се вратил во „Епл“

Враќањето на Стив Џобс во улога на извршен директор на „Епл“ во 1997 година бил еден од најважните моменти во историјата на бизнисот. Во тоа време било тешко да се предвиди колку влијателен ќе стане „Епл“. Не е претерано да се каже дека компанијата била во лоша форма.

Во 1997 година Џобс застанал на сцената и им соопштил на верните обожаватели дека компанијата добила инвестиција од 150 милиони долари од „Мајкрософт“, еден од најжестоките ривали на „Епл“. Истата година извршниот директор на „Дел“, Мајкл Дел, ја затворил компанијата и им ги вратил парите на акционерите.

Очигледно Џобс не ја затворил компанијата. Наместо тоа, тој почнал да работи на низа производи, како „ајмек“, „ајпод“ и нешто што подоцна ќе стане „мекос екс“.

Но, постои еден потег што Стив Џобс го направил во првата година кога бил во „Епл“, кој можеби бил исто толку важен. Оваа информација се појави во текот на сведочењето на сегашниот извршен директор Тим Кук на судењето во врска со тужбата на „Епик“ против Епл“.

Кук објаснува дека е невозможно целосно да се претстави слика за профитабилноста на „Еп стор“ бидејќи компанијата не ги следи трошоците на тој начин. Кук вели дека тоа е така затоа што не сака одделите да се расправаат каде треба да се распределат трошоците, затоа што тоа би било непродуктивно, нагласувајќи дека токму тоа било идеја на Џобс.

jobs
Фото: Wikipedia

Во тоа време секоја деловна единица имала свои извештаи за добивката и загубата, а одделите редовно се бореле каде да се распределат трошоците. Секој управител првенствено се занимавал со тоа дали неговиот оддел покажал профит, без оглед дали компанијата е здрава и профитабилна.

Тогаш компанијата губела по 1 милијарда долари годишно, но секој оддел известувал дека е профитабилен. Џобс не само што го елиминирал секој генерален директор, туку и ја ставил цела компанија на една единствена анализа за добивка и загуба.

Според поентата на Кук, постојат трошоци што се споделени меѓу различни области на бизнисот и нема ништо продуктивно во тоа да се расправаат за тоа каде треба да се припишат трошоците. Можеби поважно, фактот дека „Епл“ не е организиран во деловна единица, туку по функција, им помага на овие тимови да се изолираат од финансискиот притисок, ослободувајќи ги да размислуваат за тоа што е најдобро за производот и за клиентот.

Бонусите на високите раководители за истражување и развој се базираат на бројки на перформансите во целата компанија, наместо на трошоците и приходите од одредени производи. Така, одлуките за производите донекаде се изолирани од краткорочни финансиски притисоци. Тимот за финансии не е вклучен во состаноците на инженерските тимови, а инженерските тимови не се вклучени во одлуките за цените.

Повеќето луѓе сметаат дека опсесијата на Џобс со дизајнот на производи е неговиот најважен придонес за „Епл“. Секако, тој играше клучна улога во развојот на некои од најпознатите потрошувачки електронски уреди: „ајмек“, „ајпод“, „ајфон“.

Никој не се сомнева дека Џобс даде извонреден придонес за „Епл“, со неговото чувство на дизајн на производи и неговата способност да разбере што ќе ги воодушеви клиентите.

Но, потегот на Џобс компанијата да има само една анализа за профитот и загубата е исто толку важен за  создавањето на милијардерската компанија. Всушност, постои разумна шанса Џобс воопшто да не направел промена, па „Епл“ да не е компанијата што е денес. Во тоа сценарио немаше да постои „ајфонот“ денес. Ако е така, таа едноставна одлука навистина промени сè.

Извор: Inc.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот