X
 28.06.2020 Здравје

Во овошјето и зеленчукот има микропластика, покажаа нови истражувања

Микропластиката, односно пластичните делови помали од 5 милиметри, сега може да се најдат во океаните и во националните паркови. Вакви делови биле откриени во морската храна, во солта, па дури и во пивото. Сега, нови откритија покажуваат дека микропластиката може да влезе и во коренот на одредени растенија, а потоа да заврши во храната што ја јадеме.

Две истражувања објавени неделава покажуваат дека има микропластика во храната што ја јадеме. Едното истражување било спроведено на Универзитетот во Катанија, Италија, а во него биле откриени мали пластични делови во храна која се продава во супермаркетите и на локалните пазари во Катанија. Истражувачите работеле со примероци од моркови, зелена салата, брокули, компири, јаболка и круши.


Фото: Pixabay

Друго истражување спроведено од Институтот за истражување на крајбрежни региони во Јантаи, Кина, и од Универзитетот во Лејден, Холандија, открива дека може да има микропластика во коренот на зелената салата и житарките. Оваа микропластика потоа може да се пренесе од коренот до делот на растението што се јаде.

Порано истражувачите знаеле дека мали честички со големина од околу 50 нанометри може да влезат во коренот на растението, но новото истражување открило дека во растението може да влезат и честички 40 пати поголеми од претходната претпоставка.

Ова истражување анализирало два различни начини на одгледување растенија. Според резултатите, во малите отворени делови од коренот на растенијата може да влезат кружни честички со големина до 2 микрометри.


Фото: Pixabay

Во италијанското истражување било откриено дека храната од локалните продавачи имала повисоко ниво на микропластика отколку онаа купена во супермаркет. Најмалите делови микропластика биле откриени во морковите, од околу 1,5 микрометар, а најголемите во зелената салата, од околу 2,5 микрометри.

Меѓутоа, во морковите имало најмногу микропластика од сите растенија што биле анализирани. Кај овошјето, повеќе микропластика имало во јаболката отколку во крушите. Генерално, имало повеќе микропластика во овошјето отколку во зеленчукот, а тоа се должи на поголемите корени на овошјето.

Не се знае како микропластиката во храната може да влијае врз човековото здравје, но овие истражувања секако загрижуваат, велат истражувачите.

Автор: Кристин Тусент
Извор: fastcompany.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје