X
 28.06.2022 Наша тема

Евгениј Поп Ацев - прв на „Прв до врв“, петти во триатлон, а неделава ќе плива на Светско во Унгарија

И покрај резултатите што ги имам постигнато, сѐ уште имам неостварени цели и желби, на пример, Олимписките игри и уште повисок пласман на Светското првенство, што ми дава дополнителна мотивација, но исто така и повторувањето на некои остварени резултати кои многу ми значат, вели Евгениј

Секогаш е вистинско време да поставиш нова цел или, пак, да замислиш нов сон. Македонскиот маратонски пливач Евгениј Поп Ацев, кој три пати се закити со титулата светски првак во далечинско пливање, освои многубројни награди, трки, трофеи, многу пати се надмина себеси, не запира да изненадува и да освојува врвови. Тој неодамна на веќе прочуената планинска скопска трка „Прв до врв“ успеа прв да стигне до врвот Водно. А одличен резултат забележа и на триатлонот „Стопанска Трилоџи триатлон“, кој во ист викенд се одржа со трката „Прв до врв“. И покрај неверојатните успеси што ги има реализирано, сѐ уште има неостварени желби, бара нови цели, нови предизвици.

Плива, трча, оди во фитнес-сала, планинари

- И покрај резултатите што ги имам постигнато, сѐ уште имам неостварени цели и желби, на пример, Олимписките игри и уште повисок пласман на Светското првенство, што ми дава дополнителна мотивација, но исто така и повторувањето на некои остварени резултати кои многу ми значат - вели Евгениј.

Периодов вежба по два пати дневно.

- По 2 до 2,5 часа пливам, шест дена во неделата, така што пливањето ми претставува најдоминантен начин на одржување на формата, но понекогаш и трчам по половина час до час или планинарам еднаш неделно и плус два пати неделно одам во фитнес-сала. На 30 јуни ќе настапам на Светското првенство во Унгарија во Будимпешта - поточно во езерото Лупо - ни сподели Поп Ацев.

Сака да се проба во маратон или полумаратон

Решил да се проба во триатлон затоа што му изгледало како интересна дисциплина.

- Сакав да се пробам во триатлон, ми изгледа како многу интересна дисциплина, многу динамична и поразлична од маратонското пливање, а сепак има многу сличности. Се погоди, исто така, да се организира во период кога немам важни натпревари во пливање, па решив да се пробам. Многу убаво искуство беше, забавно, исто така ми беше и добар аеробен тренинг. Задоволен сум од резултатот, дефинитивно би настапувал повторно - вели тој.

Често оди на Водно или до Шишевскиот манастир во Матка.

- Речиси секој викенд кога можеме и кога времето е убаво, со жена ми и ќерките сме на Водно или на Матка. Уште се мали, две и три години, па ги ставаме во ранци и така ни е потешко, па може и тоа е добар тренинг. Отсекогаш сум имал голема љубов кон планирањето. Но главна причина за резултатот е сепак пливањето бидејќи со напорните пливачки тренинзи и натпревари сум во добра форма и кондиција и тоа можам да го искористам и за други трки, како што беше и „Прв до врв“. Главен фокус ми е пливањето, но и сѐ што би пробал во поблиска иднина би зависело од тоа во кој период од годината е и дали би имало негативен ефект врз моите настапи во пливање. Би сакал оваа есен да истрчам маратон или полумаратон, можеби Скопскиот во октомври - дополнува Поп Ацев, додавајќи дека се има пробано и во скијање, на „Маврово Тронс“, ултимативна трка во скијање.

По професија е стоматолог

Наскоро е Светското првенство во Унгарија и тоа е неговиот главен фокус во периодов, но и целата измината година.

- Понатаму имам уште неколку трки во Канада, Хрватска и во Италија и се надевам Охридскиот маратон. А на подолгорочен план - Олимписките игри во Париз 2024 ми се голема желба ако сѐ биде во ред дотогаш, се разбира. Немам планови за посериозна преориентација кон друг спорт, секако би пробал повторно и триатлон и трчање и нешто друго или различно, но и кога би сакал, мислам дека нема шанси да го достигнам ни блиску нивото на кое сум во маратонско пливање. Сепак, дефинитивно имам голема желба да се натпреварувам и во други спортови и резултатите во нив ми даваат сатисфакција - ни изјави Евгениј.

Евгениј Поп Ацев по професија е стоматолог.

- Иако работам како стоматолог, далеку сум од полно работно време бидејќи со обврските кон пливањето едноставно е невозможно. Успевам ден-два неделно да работам во ординацијата на моите родители, но се надевам дека понатаму, кога ќе престанам да пливам, ќе работам полно работно време. Некако фамилијарна професија ни е, и моите родители и брат ми се стоматолози, па јас по нив продолжив, имав чуство дека тоа е правиот избор за мене.

Фото: приватна архива

Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема