X
 28.07.2022 Живот

Железничкиот синдикат во Германија не сака продолжување на евтините билети за јавниот превоз

Членовите на синдикатот на германските железници (Deutsche Bahn DB) се против продолжување на субвенционираните билети за јавен превоз што предизвикуваат метеж и застој во германскиот локален железнички превоз во летните месеци.

-Овој билет, што всушност имаше за цел да им олесни на оние кои секојдневно патуваат на работа или на факултет, предизвика дополнителен наплив на патници кон возовите - изјави претседателот на синдикатот на машиновозачите, Клаус Веселски.

Тој тврди дека таквиот напад „не му прави добро на железничкиот систем“, што е веќе преоптоварен.

Со сличен став излезе и Мартин Буркерт, потпретседател на синдикатот на вработените во ДБ, кој кажа дека воведувањето на таканаречените билети од девет евра ги доведе до работ на колапс.

-Вработените во ДБ се доведени не само до работ на издржливоста, туку и преку работ - рече Буркерт.

Од овие причини двајцата синдикалци се заложија субвенционирањето на билетите да не се продолжува над планираниот период до крајот на август.

-Се разбира, нашата желба е јавниот превоз да стане бесплатен за сите на долг рок. Но, прво, треба да создадеме капацитети низ целата земја за толку голем број патници - рече Веселски во интервју за јавниот сервис РББ.

Германската влада во јуни воведе месечен билет по цена од девет евра, што ќе важи за сите возила во јавниот превоз низ цела Германија, како дел од пакетот за растеретување на граѓаните поради поскапувањето на енергенсите.

Поради големата заинтересираност на граѓаните, владата размислува да продолжи со субвенционирање на билетите за јавен превоз.

Критичарите на оваа мерка посочуваат дека над 2,5 милијарди евра, колку што чинеше оваа кампања, можеше да се инвестираат во обнова на застарената инфраструктура и купување на нови возови за да се зголеми конкуренцијата со домашниот авиопревоз.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот