X
 28.09.2018 Технологија

Дали е ова крај на „Инстаграм“ каков што го знаеме?

Приказната за „Инстаграм“ на сите ни е веќе добро позната - Марк Закерберг се покажа како визионер кој за „мали“ пари (станува збор за милијарда долари) ја купи компанијата со само еден производ и 13 вработени, која дотогаш воопшто не заработувала. Денес, „Инстаграм“ е една од најпопуларните социјални мрежи со повеќе од милијарда корисници. Според аналитичарите, ако „Инстаграм“ не е во рамките на „Фејсбук“, би вредела над 30 милијарди долари, ако не и повеќе.

Но, зад кулисите што ги гледаат корисниците, односно филтрите, инфлуенсерите, последните неколку месеци нешто се случувало во оваа компанија, а кулминира со заминувањето на коосновачите на „Инстаграм“, Кевин Систром и Мајк Кригер. Тие порачаа дека е време за ново поглавје во нивните животи и насочување кон нови предизвици, но вистината е поинаква.

Медиумите шпекулираат за несогласувањата со Закерберг, кој почнал премногу да се меша во работата на „Инстаграм“, и нетрпеливоста меѓу коосновачите на „Инстаграм“ и шефот на „Фејсбук“, кој повеќе од 6 години им давал целосна автономија.

instagram
Фото: АFP


Овој конфликт околу стратегијата за иднината на „Инстаграм“ накратко може да се опише вака: Фокусот на Систром и Кригер бил квалитетот на производи, додека фокусот на Закерберг бил бизнисот, односно тој бара начини на кои може дополнително да извлече пари од популарноста на оваа социјална мрежа.

Од „Фејсбук“ веќе некое време пристигнуваат сигнали дека нема да може да го задржи големиот раст на бројот на корисници и приходите што ги реализира, па затоа мора да се бараат извори на заработка надвор од оваа социјална мрежа, поради што мора да се пронајдат ефективни начини за зголемување на заработката од други два производи што имаат повеќе од милијарда корисници - „Инстаграм“ и „Вацап“.

Како „Инстаграм“ ќе продолжи без луѓето што управуваа со оваа социјална мрежа од првите напишани линии кодови, моментално е тешко да се заклучи, но „Фејсбук“ за ова сценарио се подготвува со месеци, бидејќи несогласувањето меѓу лидерите не е нов проблем.

Може да се претпостави дека Закерберг ќе го зголеми бројот на огласи, што е непријатна ситуација бидејќи огласите сигурно ќе влијаат врз досегашното искуство во користење на мрежата.

Ако „Инстаграм“ стане место пренатрупано со лоши огласи, тоа ќе го уништи корисничкото искуство и луѓето ќе одат на други места. Секако, прво треба да се види насоката кон која Закерберг заедно со тимот ќе го води „Инстаграм“, а ќе биде интересно да се следи и „Вацап“, кој има речиси 1,5 милијарда корисници и за кој „Фејсбук“ исто така се обидува да пронајде најдобар начин за максимирање на профитот од тие корисници, односно нивните податоци.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија