X
 28.09.2018 Живот

Илон Маск доби тужба за лажни твитови

Американската Комисија за хартии од вредност и берзи (СЕЦ) го обвини основачот на компанијата „Тесла“, Илон Маск, за измама поради низа негови лажни твитови и бара тој да се отстрани од челната позиција на компанијата и да му се забрани да биде директор во која било друга компанија чии акции се на берзата.

Тужбата доаѓа по само два месеца откако Маск на „Твитер“ истакна дека размислува за повлекување на акциите на „Тесла“ од берзата и дека тоа за компанијата е најдобар пат напред.

Основачот на „Тесла“ на почетокот на август порача и дека инвеститорите го поддржуваат тој план, дека финансирањето е обезбедено и дека на акционерите ќе им бидат понудени 420 долари за акција - една петтина повеќе од тогашната цена.

Според тужбата на СЕЦ, Маск знаел дека неговите твитови се лажни, со оглед на тоа дека никогаш не разговарал за таква трансакција со ниеден можен финансиер.

Со оваа тужба Маск стана еден од директорите од највисок профил во технолошката индустрија кого СЕЦ го обвини за измама во врска со хартии од вредност.

Од друга страна, Илон истакна дека не направил ништо лошо.

-Овој неоправдан потег на СЕЦ длабоко ме огорчува и разочарува. Секогаш работев во интерес на вистината, транспарентноста и вложувачите. Интегритетот е најважна вредност во мојот живот и фактите ќе покажат дека тоа никогаш на каков било начин не сум го компромитирал - истакна Маск.

СЕЦ во тужбата бара Маск да се отстрани од челната позиција во „Тесла“ и да му се забрани да биде директор во која било друга компанија чии акции се на берзата, што е многу редок потег на СЕЦ против директор на некоја позната компанија.

Најавата на Маск дека размислува за повлекување на акциите на „Тесла“ од берзата веќе резултира со тужба од неколку вложувачи, кои поради тоа загубиле милиони долари.

По вестите за тужбата од СЕЦ, цената на акциите на „Тесла“ падна за 12 отсто.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот