X
 28.09.2018 Наша тема

Во студентскиот дом „Кузман“ во Скопје сѐ може да снема, ама инстант-пире секој ден мора да има!

Студенти се жалат на малиот и недоволен избор на храна во студентскиот дом во центарот на градот, а директорот Дарио Николовски се надева дека од октомври ќе биде воведено ново мени изработено според стандарди


Пире во прав или инстант-пире е најчестиот избор за ручек за студентите сместени во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Студентите од овој дом во последниот период се жалат дека пирето е речиси секој ден на менито. Тие велат дека храната воопшто не е разновидна, а и не е доволна.

Пире во прав најчесто на мени

Разговараме со студентка која петта година е сместена во „Кузман“.

- Со години храната е проблем. Речиси секој ден имаме пире со додаток плескавица или колбас, а ретко се случува да биде пилешко, еднаш до двапати неделно. Пред четири години еден период имавме избор помеѓу неколку јадења и тоа личеше на нешто, ама траеше кратко. Лани ние, студентите, изреагиравме погласно, се побунивме и еден месец имаше големо подобрување, но и тоа заврши неславно. Пирето во прав, кое нема никаков вкус, како да јадете пластика, е решение за секаква ситуација. На пример, ако одите да ручате во 16 часот (а по правило ручекот се служи до 16:30 часот), може да се случи чорбата или некоја манџа веќе да е потрошена и тогаш пак се воведува пире. Студентите го јадат, оти нема што да прават – вели студентката и додава дека за вечера најчесто имале „понекое печиво кое личи ко да е прегревано и старо барем два дена“.

Директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски, е свесен за пропустите со храната и најавува дека веќе е изготвено ново мени по сите стандарди кое чека Управниот одбор да го одобри и да може да се воведе.
- По 18 години јас го сменив менито и сега чекам Управниот одбор да го одобри и се надевам дека од октомври ќе имаме ново мени. Свесен сум за пропустите во периодов. Преговараме да ни се прости долгот што го имаме за да може да почнеме да функционираме. Какви стандарди јас да воведувам кога ние немаме буџет ниту да ставиме камери, на пример, во кујната и да имаме поголема контрола над целата ситуација – вели Николовски.

Дарио Николовски, директор на Државен студентски дом

Студентите посакуваат повторно да им се вратат и т.н. бонски продавници, каде што до пред неколку години можеа да си купуваат многу поевтина храна и производи.
  - Предноста на продавниците беше во тоа што можевме поевтино да купиме многу производи што ни требаат секојдневно. Плус, ако не ви се допаѓа ручекот, можеше да се дополни со нешто од бифе. На пример, вечерата е во 18 часот, а ние седиме некогаш и до полноќ, па сигурно ќе ни се пријаде уште еднаш. Или производи од типот на шампони, сапуни, работи за лична хигиена - вели студентка.


Во однос на возобновувањето на бонските продавници, директорот Николовски вели дека системот на бонови веќе никаде не функционира и дека треба добро да се осмисли начинот на менаџирање на таквите продавници во иднина за да се спречи нивната злоупотреба, што беше една од причините за нивното укинување.

Чорба со макарони за вечера
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема