X
 28.09.2022 Наука

Модернизирањето, напредокот и усовршувањето на геодезијата прикажано преку развојот на LiDAR-технологијата

Автор: Бојан Максимов, магистер по технички науки од областа на геодезијата

Терминот геодезија потекнува од грчките зборови гео (γη) што значи земја и дезис (δαιω) што значи поделба, односно во буквален превод означува земјоразделување.

Големиот светски ум од областа на геодезијата, германскиот научник Фридрих Роберт Хелмерт, ја дал првата дефиниција за геодезијата во 1880 година која гласи: „Геодезијата е наука за премерување и прикажување на Земјината површина“. Со текот на времето дефиницијата за геодезијата се менувала следејќи го нејзиното усовршување со цел да го достигне својот современ облик кои гласи: „Геодезијата е наука која се занимава со премерување и картирање на Земјината површина, следење на нејзиното гравитациско поле и геодинамичките појави, како што се движењето на нејзините полови, прилив и одлив на морињата и океаните, како и промената на Земјината кора во тродимензионален простор со текот на времето“.

Геодезијата како научна дисциплина наоѓа широка примена во многу области на човековата активност и истата својот развој и усовршување го темели на забрзаниот развој на технологијата. Брзиот развој на науката и технологијата, примената на нови современи технологии на секое поле, во секоја научна и применета област, доведува до поставување нови повисоки барања поврзани со примена на современи, напредни постапки за развој и примена на напредни технологии.

Бојан Максимов

Развојот, модернизирањето, напредокот и усовршувањето на геодезијата, отсликан преку значителното подобрување кај перформансите на ласерските системи за снимање, како последица на развојот на ласерската технологија, е познат како Light Detection And Ranging - LiDAR.

LiDAR-технологијата првенствено претставува еден од клучните елементи на далечинската детекција. Развојот на LiDAR е тесно поврзан со напредокот на оптичката и електронска технологија, поточно ласерската технологија, па така LiDAR-експертите од самиот почеток биле инволвирани во ласерскиот развој. Ласерското скенирање не е замена за постојните техники за геодетско мерење, но претставува алтернатива што може да се користи во повеќето геодетски работи.

Со доаѓањето на LiDAR-технологијата, планирањето на просторот, 3Д-моделирањето, геодезијата, животната средина, мониторингот на природните непогоди и многу други области влегуваат во нова ера. Технологијата на просторното ласерско скенирање е афирмирана како целосно автоматизирана и исклучително ефикасна метода за аквизиција на просторни податоци. Постојаниот напредок на компјутерската технологија и нејзината зголемена распространетост доведуваат до сѐ поголема побарувачка на сѐ поголема количина на квалитетни и детални податоци, особено за просторот на човековата активност и објектите што гo исполнуваат.

Предностите на LiDAR-технологијата во однос на класичните методи за геодетско мерење се побрзо, поефикасно и поекономично собирање податоци, овозможува работење на непристапни терени, можност за создавање дигитален теренски модел (DTM) со голема точност и создавање геодетска основа за GIS. Од друга страна, со употреба на ласерски зраци со помала бранова должина, LiDAR овозможува детектирање на мали објекти, што му дава предност во однос на радарот или сонарот, технологии кои се базираат на слични принципи на рефлексија.

Додека, пак, како аномалии на LiDAR-технологијата се истакнати следните недостатоци:
-Системот не работи добро вo лоши временски услови;
-Силниот ветар го намалува квалитетот на податоците;
-Системот нема можност да идентификува податоци за граници, подземна инфраструктура и водоводна мрежа;

Во однос на методите за снимање кај LiDAR-технологијата разликуваме фиксни и мобилни системи. Во фиксните системи снимањето се врши со скенери кои се вградени на стационирани геодетски стативи. Кога станува збор за снимање на теренот на поголеми подрачја, мобилните системи што се инсталираат на возилата за копнен транспорт или на воздушна платформа преку авион или хеликоптер наоѓаат поширока примена.

Технологијата на просторното ласерско скенирање, во зависност од употребената платформа, е поделена на:
- Ласерско скенирање од копно (TLS);
- Ласерско скенирање од воздух (ALS);


Споредба на ласерско скенирање од копно и од воздух

Покрај тоа што во двата случаи прикажани на претходната фотографија станува збор за мобилно ласерско скенирање, во стручната литература системот на снимање од копно скратено се нарекува мобилно LiDAR-скенирање (MLS, Mobile LiDAR scanning), додека пак за воздушно снимање се користи терминот воздушно LiDAR-скенирање (ALS, Airborne LiDAR scanning). Изборот помеѓу мобилното LiDAR-скенирање и воздушното LiDAR-скенирање зависи од достапното време, финансии, но и од барањето за испорака на потребните податоци.

Поради големата достапност до теренските површини, LiDAR-технологијата е најрационална кога е во прашање масовната аквизиција на просторни податоци. Тоа е релативно нов начин за собирање просторни податоци со кои се обезбедуваат огромни количини информации за објектите на Земјината површина, како и за Земјините облици преку густо распоредени тродимензионални координатни точки. Со методите на LiDAR-технологијата може да се постигне соодветна точност на мерените податоци, а исто така измерениот сет доволно репрезентативно да ги опишува физичките карактеристики на теренот.


Продукт од LiDAR скенирање

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука