X
 28.10.2021 Живот

Ултиматум од хрватска компанија: Кој сака да работи, од 1 ноември мора да се вакцинира

Морнарите на бродот „ЛНГ Хрватска“, пловечка единица за течен природен гас на ЛНГ терминалот во Омишаљ, ќе мора да се вакцинираат доколку сакаат да продолжат да работат на терминалот, е одлуката на норвешката компанија „Голар“, преку која се вработени морнари на терминалот ЛНГ.

Хрвоје Крхен, директор на „ЛНГ Хрватска“, кој стопанисува со терминалот, ја потврди веста добиена од норвешката компанија „Голар“.

- Работниците мора да бидат вакцинирани со прва доза на вакцина најдоцна до 1 ноември оваа година, а со втора доза најдоцна до 1 јануари следната година. Во спротивно, компанијата повеќе нема да им гарантира вработување.

И досега мораа да имаат ковид-потврда

Од оваа обврска ќе бидат ослободени само морнарите што прележале ковид-19 во последните шест месеци и имаат валиден сертификат за закрепнување.

- Досега никој без ковид-сертификат не можеше да влезе во терминалот, вклучително и на бродот. Морнарите мораа да имаат потврда дека се вакцинирани или негативен ПЦР-тест или потврда дека прележале ковид-19. Ова е сериозен бизнис во кој не можеме да ризикуваме да се зарази екипажот и да се доведе во ризик снабдувањето на пазарот на природен гас - вели Крхен.

Марио Зоровиќ, претседател на Хрватското здружение на посредници за вработување на морнари, преку чија агенција е вработен дел од екипажот на бродот, вели дека се очекува повеќето големи бродски компании наскоро да воведат задолжителна вакцинација против ковид-19, без која нема да може да се качат на брод.

- Досега неколку компании воведоа задолжителна вакцинација за сите свои морнари. Морам да истакнам дека повеќето морнари ја прифатија обврската да се вакцинираат, а добар дел од нив веќе се вакцинирани - вели Зоровиќ.

Инаку, во меѓународната пловидба има околу 17.000 хрватски морепловци, од кои дури 77 отсто се офицери на бродови. Повеќе од 50 отсто од нив се вакцинирани против ковид-19, но Здружението очекува тој број значително да се зголеми сега кога компаниите почнаа да воведуваат задолжителна вакцинација како услов за добивање или задржување на работно место.

Генералниот секретар на Хрватскиот сојуз на морепловци, Невен Мелван, посочува дека воведувањето на обврските за вакцинација не треба да биде во доменот на бродските компании, туку треба да се одлучува на ниво на Светската поморска организација.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот