X
 28.10.2021 Наша тема

Запознајте го Филип Букршлиев, нашиот најдобар млад џез-музичар: Штом те фати џез-вирус, прашање на време е кога ќе му се предадеш

Некаде на 12 или 13 години првпат фатив гитара. Имав дома една гитара преостаната од хипи-фазата на мојата мајка. Бев млад и не толку симпатичен дебелко, кој веројатно чувствувал потреба некако да се истакне. Во таа ситуација гитарата речиси сама ми скокна в раце

- Мојата врска со џезот почна од многу рана возраст. Штом те фати тој „вирус“, само прашање на време е кога целосно ќе му се предадеш. И тука не мислам на џезот како стил, туку како експресивен модалитет базиран на неформалност и отвореност. Како одење на ручек, додека дуќанот стои затворен - вели Филип Букршлиев, актуелниот добитник на наградата „Најдобар млад џез-музичар“ од страна на Скопскиот џез-фестивал.

Иако му годи епитeтот „млад“, Букршлиев веќе има ветерански опус кога е во прашање музиката. Според Музичкиот регистар (ВБУ), тој е кредитиран на 25 изданија, како гитарист, композитор, аранжер и слично. Наградата за најдобар млад џез-музичар ја доби по настапот на самиот фестивал како дел од ансамблот на Јордан Костов.

Букршлиев активно твори во повеќе домашни формации: Филип Букршлиев трио, Јордан Костов ансамбл, Такси конзилиум (Taxi Consilium), Фајтинг Виндмилс (Fighting Windmills) и други. Творештвото и музицирањето на Букршлиев се одликуваат со необична духовитост, раскошна фантазија и несекојдневна елоквентност, што, впрочем, соодветствува и на неговата личност.

 

- Некаде на 12 или 13 години првпат фатив гитара. Имав дома една гитара преостаната од хипи-фазата на мојата мајка. Бев млад и не толку симпатичен дебелко, кој веројатно чувствувал потреба некако да се истакне. Во таа ситуација гитарата речиси сама ми скокна в раце. Инаку, бев целосно самоук, додека, нели, не се запишав на Музичка академија. Ако сега би требало да одлучувам по таа основа, веднаш би избрал да бидам пијанист или да свирам на некој дрвен дувачки инструмент, бас-кларинет по можност.

Музичкото образование не е пресудно за успех

Букршлиев го има школувано џез-занаетот на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на одделот за џез-студии. Како дипломиран џез-гитарист, тој смета дека иако корисно, формалното музичко образование не е пресудно за успехот на еден музичар во оваа уметничка гранка.

- Апсолутно дека музиката може да ја усоврши и некој што нема претходно формално образование. Еден од моите омилени гитаристи - Нелс Клајн е токму таков. Нека се осмели некој да забележи дека од музиката на неговите албуми е евидентно дека не полагал солфеж пред комисија. Формалното музичко образование е во крајна линија рационализација и систематизација на звукот како феномен. Ти нуди можност да се провериш „во матрицата“ на звукот. Секако дека можеш и пешки да стигнеш дотаму, ама ќе излижеш неколку пара чевли додека да стигнеш.

Никогаш не сум имал на ум конкретен музички правец. Во случај да имам нешто на ум, тоа е некој специфичен “mood“, кој потоа им го давам како сугестија на музичарите со кои настапувам. Инаку, најмногу уживам во музика во која има само насоки што се однесуваат на тоа кој од која страна ќе напаѓа, кој стои во одбрана и кој ќе креира игра на средина, но како ќе го прави тоа - останува суверено право на музичарот.

 

Дневно вежба најмалку четири часа

Букршлиев гордо зборува за соработките со македонските музичари, ставајќи акцент на квалитетот што го поседува нашата домашна џез-сцена, како и музичарите индивидуално. Тој секојдневно му се посветува на својот инструмент – гитарата. Не штеди време за да се усовршува, а за репертоарот на неговите вежбачки ритуали, најдобро знаат неговите соседи, како што тој вели.

 - Би можел единствено да зборувам за музичарите со кои најчесто соработувам. За Андреа Мирческа, „првата дама“ на македонскиот џез. Фантастична басистка, која те тера постојано да бидеш на штрек. Или Јордан Костов, најнеопеаната фигура на македонскиот џез. Според мене, најбитниот македонски џез-композитор во последните 20 години, па кој што сака нека рече. Исто така, Драган Теодосиев и Благојче Томевски. Слушнете го нашиот заеднички квартет “Taxi Consilium“ и уживајте во  мајсториите на тапани и бас-кларинет. Слушнете ги само Славчо, Бојан Петков-Шамба и Петар Христов какво ударно трио се во „Летечки пекинезери“ и кажете ми дека не се тоа некои замаскирани прастари џезеришта од Харлем.

Од музичари слушам многу пијанисти. Сега ми е омилена новата гитара „Грета“. Инаку, моделот е „греч електроматик џет“. Прекрасна гитара, мошне карактерен инструмент, со многу фина цена. Ми дозволува на моменти да помислам дека звучам како Џулијан Лаж на албумот „Love Hurts“, каде што свири ист таков, но мошне поскап модел на „греч“. Дневниот вежбачки ритуал трае најмалку 4 часа. Во интервали од по 1 час. За да ја дознаеш содржината, треба да си ми сосед и да ми биде отворен прозорецот - вели Букршлиев.


фото: Татјана Ранташа и Марија Грубор

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема