X
 28.11.2017 Култура

Чија е јахтата на Тито?

Риека, хрватскиот град кој во 2020 година треба да стане културна престолнина на Европа, сака да ja обнови, за’рѓаната јахта „Галеб“ на некогашниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, но тоа предизвика гнев кај хрватската националистичка екстремна десница, пишува „Њујорк тајмс“. Градските власти решиле да одвојат 20 милиони евра за реконструкција на пропаднатата градска инфраструктура, но размислуваат и да одвојат 30 милиони евра за финансирање културна обнова.

Како централен симболичен дел на таа преобразба го избрале поморскиот реликт од минатото – речиси 80 години стариот „Галеб“. Некогаш славниот брод на морнарицата на поранешна Југославија, кој бил користен и за обука, со години ’рѓосува во риечкото пристаниште.

„Галеб“ сега нуди надеж за Риека, која се бори да го оживее своето стопанство, по колапсот на тешката индустрија и производствениот сектор на крајот на 80-тите години. Градските функционери планираат обновената Титова јахта да ја претворат во музеј каде што ќе биде прикажана комплексната историја на Риека. Тие се надеваат дека тој музеј би можел да стане национална гордост.

Меѓутоа, Титовото контроверзно наследство го загрозува тој план, пишува „Њујорк тајмс“. Екстремните десничарски националисти, кои во последните години партиципираат во главниот тек на хрватската политика, жестоко се спротивставуваат на тоа. Тие се одлучни да ја „погребаат“ комунистичката историја на Тито и да го оживеат наративот на Независната Хрватска Држава од Втората светска војна.

Јахтата „Галеб“, која била изградена во 1938 година во Џенова, Тито ја користел како своја пловна резиденција, како југословенска амбасада и како брод за забава. На неа тој угостил многу светски лидери и холивудски ѕвезди, како Елизабет Тејлор и Ричард Бартон.

Како југословенски претседател, Тито реализирал 49 патувања на четири континенти, вклучително и државната посета на Британија во 1953 година и бил првиот комунистички лидер што по војната се сретнал со Винстон Черчил.

Исто така, тој брод бил инкубатор и за една од идеите на Тито – Движењето на неврзаните.

За некои либерални политичари во Хрватска, реставрираниот „Галеб“, кој е долг 115 метри, би бил совршен симбол на врската на Тито со Риека и регионот околу. Екстремната десница, меѓутоа, го изедначува Тито со Југославија, која ја смета за угнетувач. Националистите бараат неговото име и неговата дејност да се исфрлат од учебниците во Хрватска.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура