X
 28.11.2019 Наука

Мистериозните звуци од бурите може да помогнат да се предвидат торнадата?

Мистериозната бучава што ги навестува торнадата може да се искористи за предвидување кога и каде ќе удрат, тврдат истражувачите.

Невремето испушта звуци пред да се формираат торнадата, но сигналите на помалку од 20 Hz се под границата на човечкиот слух. Она што ги предизвикува овие звуци е исто така голема загатка.

Сега истражувачите велат дека го стесниле изборот на причини за звуците - важен фактор за искористување на знаењето за подобрување на предупредувањата.

- Трите можности се основните осцилации (во торнадото), испуштањето на притисокот и латентните влијанија на топлината - вели д-р Брајан Елбинг од Државниот универзитет во Оклахома, кој е дел од тимот што стои зад истражувањето.

2
Фото: Dave Hall


- Сите тие се можности затоа што она што го видовме е дека сигналот се појавува пред торнадото да ја допре земјата, продолжува откако ќе ја допре земјата и исчезнува по некое време откако торнадото ќе ја напушти земјата - додава д-р Брајан.

Звукот со ниска фреквенција произведен од торнадата е познат веќе неколку децении, но д-р Брајан вели дека голем проблем е недостигот на разбирање на она што ги предизвикува звуците, како и тешкотиите при нивно откривање.

Темата во последниве неколку години бележи зголемен интерес, при што д-р Брајан вели дека може да се покаже особено корисно за ридските области како Дикси Алеј, што се протега од Тексас до Северна Каролина.

Тимот поставил микрофон способен да собере звуци со ниска фреквенција запечатени во купола, што има четири отвори под прав агол, секој од нив прикачен на црево. Три од овие куполи се распоредени во рамностран триаголник, оддалечени 60 метри едни од други. Ова му овозможува на тимот да ги филтрира звуците, додека самиот сигнал нуди идеја за големината на торнадото: фреквенцијата од 1Hz означува големо торнадо, додека од 10Hz означува мало.

Д-р Харолд Брукс, експерт за торнада од Националната администрација на океаните и атмосферата на САД, кој не бил вклучен во работата, изјави дека треба да се одговорат многу прашања пред да почне да се користи пристапот, вклучувајќи го и прашањето дали сите торнада произведуваат вакви звуци, дали овие звуци може да бидат произведени од други бури и колку е прецизен пристапот.

- Ниту еден систем не може да биде совршен, така што ќе има грешки на пропуштени настани и лажни аларми. Ова е интригантно, но има уште многу работа - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука