X
 28.11.2019 Наука

Откриена црна дупка што „не треба да постои“

Кинески астрономи открија црна дупка во Млечниот Пат која со својата величина можеби ги доведува во прашање постојните сознанија за развојот на ѕвездите.

Како што објави денеска Националната астрономска опсерваторија во Пекинг, квазарот ЛБ-1 е 15.000 светлосни години оддалечен од Земјата и има маса 70 пати поголема од Сонцето. Процените се дека во нашата галаксија Млечен Пат има 100 милиони ѕвездени црни дупки, но ЛБ-1 е двојно поголема од она што научниците досега мислеа дека е возможно, истакна Лиу Јифенг, професор во Опсерваторијата и раководител на истражувањето.

- Црните дупки со толкава маса не би требало да постојат во нашата галаксија, според голем дел од досегашните тврдења за настанокот и развојот на ѕвездите - додава тој.

ЛБ-1 ја откри меѓународен тим научници со помош на кинескиот телескоп „Ламост“. Научниците ги откриваат црните дупки преку нивните зрачења.

- Но, тој метод има ограничувања оти може да се примени на мал број такви вселенски појави, во кои одреден број ѕвезди кружат близу црната дупка и испуштаат зраци што таа ги прима и тоа може да се уочи - објаснува Лиу.

Наместо тоа, научниците ја откриле ЛБ-1 следејќи ги движењата на огромен број ѕвезди, подолго време, врз основа на однесувањето на т.н. „партнерски ѕвезди“, како што појасни професорот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука