X
 28.11.2022 Живот

Европа останува без лекари: Не помагаат ниту бонусите од 50.000 евра

Пандемијата на ковид-19 ја откри големата криза со која се соочува Европа, која е дополнително занемарена поради војната во Украина. Недостигот на лекари и медицински персонал е прилично видлив во малиот француски град Ле Виган, но проблемот се протега многу подалеку од границите на Франција.

Недостигот на студенти по медицина и големиот број постари лекари и лекари пред пензија доведоа до големи проблеми кои Франција се обидува да ги реши нудејќи бонуси до 50.000 евра за лекарите. Но, безуспешно. Дека Емануел Макрон не е единствениот во незавидна ситуација, покажува и пресекот од многу други европски земји.

- Не мислев дека ќе дојде до толкаво напуштање на медицината во руралните средини - рече 59-годишниот Антоан Брун Д'Аре, еден од локалните лекари по општа медицина што го основаа центарот. Но, и покрај неговите најдобри напори да го спречи тоа, градот во Јужна Франција најверојатно ќе станат уште една од таканаречените „медицински пустини“ во земјата.

Ле Виган, со население од околу 4.000 жители и лоциран на јужниот крај на Централниот масив, не е единствениот француски град кој се бори да привлече лекари. Обемот на предизвиците со кои се соочува е симбол на кризата низ Европа каде што работниците се во голема мера над работоспособната возраст, живеат предалеку или едноставно се премалку.

Речиси 7 милиони луѓе во Франција немаат општ лекар. Географски, 30 отсто од населението на земјата живее во регион со слаб пристап до општи лекари, вели Гијом Шевиљар, здравствен географ и научен соработник во Институтот за истражување и информации во здравствената економија.

Во Франција, повеќе општи лекари сега се пензионираат отколку што има нови што отвораат ординации. Бројот на лекари по општа медицина веќе е намален за 5,6 отсто во периодот од 2012 до 2021 година. И следната деценија ќе биде особено предизвикувачка: иако бројот на обучени лекари се зголеми во последниве години, тие бројки нема да ја надополнат работната сила доволно брзо.

Таа реалност веќе ги погодува Френсис и Миреј Делабер, на возраст од 85 и 79 години, чиј општ лекар кој ги лекувал десет години наскоро ќе замине во пензија.

Миреј, која е лута што сè уште не знае кој ќе биде нивниот следен лекар, јасно знае што не е во ред: децениската политика која го ограничувала бројот на студенти по медицина.

Ограничувањето на бројот на студенти по медицина во Франција започнало во 1971 година. Оваа бројка одредувала кој ќе ја помине првата година на медицина. Во тоа време намалувањето на бројот на лекарите се сметало за победа: за државата и за здравственото осигурување, ова значело скратување на трошоците за здравство, а за лекарите тоа значело помала конкуренција и поголема заработка.

Оваа мерка беше укината во 2020 година. Франција имаше помалку лекари по глава на жител во 2021 година отколку во 2012 година, паѓајќи на 318 од 325 лекари на 100.000 луѓе. Недостигот на лекари е толку голем, што францускиот претседател Емануел Макрон минатиот месец предложи шема за охрабрување на пензионираните лекари да останат во практика. Околу 10 отсто од лекарите во Франција работат иако се во пензија.

лекари
Фото: Freepik

Континент во криза


Недостигот на здравствен персонал не е ограничен само на лекари и не е ограничен само на Франција. Повеќе од две години по пандемијата која ги уништи здравствените работници, менаџерите за здравствена заштита и владите се обидуваат да се изборат со недостигот на работна сила.

Недостигот на здравствени работници во Европа е акутно почувствуван низ целиот континент.

Во Грција, службите за итни случаи ги алармираат властите за побавно време на одговор на итни случаи поради недостиг на персонал. На Англија ѝ недостигаат десетици илјади медицински сестри, што доведува до рекорден број на слободни работни места. Медицинските сестри се на врвот на листата на сите професии каде што постои недостиг во Финска, додека клиниките за абортус во Португалија се борат да останат отворени поради недостигот на лекари.

- Недостигот на лекари е навистина проблем што влијае врз повеќето наши членови. Во суштина, навистина постои перцепција дека медицината повеќе не е привлечна кариера. Ова навистина ќе ја загрози одржливоста на здравствените системи во иднина - рече Сарада Дас, генерален секретар на Постојаниот комитет на европски лекари, организација која ги претставува лекарите низ Европа.

Дас укажува на голем број прашања, вклучително и насилството на работното место и исцрпеноста, како фактори кои го отежнуваат регрутирањето и задржувањето на персоналот. Оваа реалност веќе ја загрозува долговечноста на кариерата на младите лекари во Европа.

Многу помлади лекари веќе си заминаа или размислуваат да ја напуштат професијата.

- Ситуацијата е критична, а има предупредувања за претстоен колапс на здравството. Трагедијата на Европа е што кризата можеше да се спречи. Овој недостиг беше очекуван и се влоши со пандемијата - вели Мартин Маки, професор по јавно здравје на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Француска понуда


Додека сѐ поголем број градови, вклучително и парискиот регион, страдаат од недостиг на лекари, проблемот е особено присутен во руралните области на Франција.

За да го реши овој проблем, градот Ле Виган дава сѐ од себе. Лекарите основаа интердисциплинарен медицински центар во кој работат шест општи лекари, заедно со други членови на тимот, вклучувајќи психијатар, психолог, тим од медицински сестри, логопеди и секретари.

Прегледите може да се закажат онлајн, а посетите на пациентите се запишуваат во електронската медицинска евиденција. Тимот помага во обука на практиканти и студенти по медицина, па дури и им нуди сместување.

Има и добра плата и бонуси: новиот лекар во градот ќе има бонус од 50.000 евра и значителни даночни олеснувања во следните осум години. Огласи се поставени на „Фејсбук“ и онлајн форуми за лекари. Сепак, никој не аплицира за оваа работа.

Доколку вака продолжи, медицинскиот центар ќе биде принуден да ги затвори вратите. Трошоците на неговото раководство, околу 220.000 годишно, би било невозможно да ги поднесат преостанатите тројца лекари.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот