X
 28.12.2017 Живот

Гејтс и Безос не се ни блиску до најбогатиот човек во историјата на човештвото

Богатството на сопственикот на „Амазон“, Џеф Безос, оваа година надмина 100 милијарди долари, со што тој стана најбогатиот човек на светот надминувајќи го и сопственикот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.

Иако се работи за огромно богатство, аналитичарите се согласни дека не е ни блиску до богатството на лицето што се смета за најбогатиот човек во историјата на човештвото. Се работи за Муси Кеити I, познат како Манса Муса, кој во 14 век владеел со кралството Мали на западот на Африка. Според нивните процени, тој контролирал дури половина од тогашната светска трговија со злато и сол, од што и произлегувало неговото огромно богатство.

Кога би се пресметало во денешни пари, неговото богатство би изнесувало дури 400 милијарди долари, што би значело дека би бил 4 пати побогат од Безос или Гејтс.

За време на неговото владеење, во Мали е развиена урбана култура на живеење. Серџо Домиан, италијански историчар на уметноста и архитектурата, вели дека Муса ги поставил темелите на урбаната цивилизација во тој дел од светот. На врвот на неговата моќ, Мали имала најмалку 400 града. Муса донел архитекти од Андалузија и Каиро за во престолнината Тимбукту да ја изградат негова палата и џамија. Наскорто Тимбукту станал центар на трговија, култура и религија. Во овој и во другите градови основани се универзитети, а Тимбукту станал центар за изучување на исламот.

Вестите за неговиот богат град стигнале до Медитеранот и до Јужна Европа, а трговците од Венеција, Гранада и Ѓенова го додавале Тимбукту на својата мапа за патувања. На Универзитетот „Санкоре“ се изучувале право, астрономија, математика и други науки, а таму постоела и најголемата библиотека во Африка, по Александрија. Палатата на Муса во меѓувреме исчезнала, а универзитетот и џамијата уште постојат.

Насловна фотографија: Business Insider
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот