X
 28.12.2020 Здравје

Членовите на ова семејство се раѓаат без отпечатоци на прстите

Апу Саркер (22) живее со своето семејство во село во близина на Рајшахи, Бангладеш. Тој работи како здравствен работник, а неговите татко и дедо биле сточари. Мажите во семејството Саркер имаат генска мутација за која се смета дека ја имаат само неколку семејства во светот - овие луѓе немаат отпечатоци на прстите.

Во времето на дедото на Апу не било нешто особено да се нема отпечатоци на прстите, веројатно бидејќи тоа не претставувало проблем. Но со текот на времето отпечатоците на прстите станаа биометриски податоци.

Во 2008 г. Бангладеш воведе лични карти за сите возрасни, а со вадењето лични карти се оставале отпечатоци од прсти. Вработените не знаеле како да ја издадат личната карта на таткото на Апу, Амал Саркер. Конечно, тој добил лична карта со печат дека нема отпечатоци на прсти.

Во 2010 г. отпечатоците на прстите станале задолжителни за возачките дозволи и пасошите. Амал успеал да добие пасош по неколку обиди покажувајќи сертификат за неговата состојба, иако никогаш не го користел. Тој никогаш не извадил возачка дозвола, иако ги поминал тестовите. Тој не можел да ја извади дозволата бидејќи немал отпечатоци на прстите.

Во 2016 г. станало задолжително оставањето на отпечатоците на прстите при купување СИМ-картичка за мобилен телефон. Сега, сите машки членови на семејството Саркер имаат СИМ-картичка која е на името на мајката.

Ретката состојба што ја има семејството Саркер се нарекува адерматоглифија. Првпат била забележана во 2007 година од страна на швајцарскиот дерматолог Питер Итин, кој бил повикан од страна на жена која не можела да влезе во САД бидејќи немала отпечатоци на прстите. Итин открил дека жената и 8 члена на нејзиното семејство немаат отпечатоци на прстите.



Во 2011 г. Итин и колегите го откриле генот кој мутирал кај членовите што немале отпечатоци на прстите и го идентификувале како причина за ретката мутација. По откривањето, мутацијата била наречена адерматоглифија.

Оваа состојба може да се повторува во повеќе генерации на семејства. Чичкото на Апу Саркер исто така ја има мутацијата. Дерматолог од Бангладеш ја дијагностицирал состојбата на семејството како вродена палмоплантарна кератодерма, за која Итин верува дека е состојба која се развила од адерматоглифија. Со други зборови, станува збор за верзија на болеста која може да предизвика и сува кожа и намалено потење на дланките и стапалата, кои се симптоми што ги имаат членовите на семејството Саркер.

За ова семејство, општеството станува покомплицирано наместо да еволуира за да се приспособи на нивната состојба. Амал Саркер вели дека тој нема проблеми во поголемиот дел од времето, но е загрижен за неговите деца. Амал и Апу неодамна добиле нов вид лична карта по приложувањето медицински сертификат. Личната карта користи слика од мрежницата на окото и на лицето за препознавање на идентитетот. Сепак, тие не може да купат СИМ-картичка или да добијат возачка дозвола, а вадењето пасош е долг процес.

- Уморен сум од објаснување на ситуацијата одново и одново. Побарав совет од многу луѓе, но никој од нив не можеше да ми даде дефинитивен одговор. Некој ми предложи да одам на суд. Доколку сите опции пропаднат, тогаш ќе мора да го сторам тоа - вели Апу, кој би сакал да патува надвор од Бангладеш.

Автор: Мир Сабир
Извор: bbc.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје