X
 29.01.2019 Технологија

Вештачката интелигенција одговара на прашањето: Што ги мотивира вработените?

Ако некогаш сте биле лидер на тим на работа, тогаш знаете колку е тешко постојано да ги мотивирате луѓето.

Но, една јапонска компанија почна да ја користи технологијата за да го направи тоа полесно од кога било. Компанијата „Атјунд“ го нуди она што го нарекува „предвидлива аналитика на човечки ресурси“ за да им помогне на компаниите да откријат што ги мотивира нивните вработени: парите, статусот или работната средина.

Станува збор за едноставен процес: кога компанијата се логира на „Атјунд“, нејзините вработени одговараат на онлајн-тестот со 55 прашања во кој им се презентирани неколку изјави, на пример, „Планирањето на мојот ден однапред ми дава чувство на сигурност“ и „Претпочитам да можам да одлучам на која задача да се фокусиран во кое било време“. Вработените што го прават тестот мора да одлучат која од двете изјави повеќе им одговара и која „силно ја претпочитаат“, „ја претпочитаат“ или „донекаде ја претпочитаат“.

Откако тестот ќе биде завршен, „Атјунд“  создава уникатен „мотивациски профил“ со кој се оценува секој вработен во 11 клучни човечки вредности, вклучувајќи и „конкуренција“, „повратна информација“, „автономија“, „безбедност“ и „финансиски потреби“.

Подрачјата во кои вработените имаат особено високи поени се означени како „мора да има“ мотиватори за таа личност, додека пониските резултати укажуваат „убаво е да има“ или „неутрални“ мотиватори. Овие резултати на менаџерите им даваат увид во кои работни средини работниците ќе бидат мотивирани и што ќе ги одржува мотивирани.


Фото: Attuned


Технологијата може да им помогне на менаџерите да најдат заедничка основа со своите вработени. Благодарение на овој сервис и сознанијата за мотивацијата, одделите за човечки ресурси и менаџерите можат за брзо време да дознаат каква е мотивацијата на нивните вработени и навреме да реагираат, да променат нешто, да им дадат други задачи и слично, пред да ја напуштат компанијата.

Колку овој пристап е успешен, најдобро покажуваат податоците од една компанија во која по користењето на „Атјунд“ бројот на вработените што ја напуштиле компанијата паднал од 35 отсто на 8 отсто.

Вработените имаат многу слични мотивации без оглед на полот, возраста или културата

„Атјунд“ поминала повеќе од две години работејќи со тим од психолози за да се напише тестот и да се сведе на нешто што би можело да се заврши за 10 до 15 минути. Интересно е тоа што откриле дека нема значителни разлики во она што ги мотивира луѓето на иста возраст, пол, па дури и култура: милениумците ги ценат социјалните односи на работа, исто како и постарите работници, а јапонските работници сакаат повратни информации исто како што сакаат американските работници.

Сепак, велат дека постојат неколку културни разлики. Јапонските работници имале помала веројатност да ја изберат „силно ја претпочитаат“ изјавата и обично се одлучувале за поблагата опција, многу повеќе отколку работниците во другите земји.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија