X
 29.03.2020 Живот

Средношколци бесплатно им доставуваат храна на постарите во Калифорнија

Постарите лица се најризична група во пандемијата на коронавирусот со која се соочува светот во моментов. Затоа тие имаат добра причина да останат дома наместо да излегуваат надвор. Тинејџерите, од друга страна, се изложени на помал ризик од тешки последици доколку се заразат, а на многу места училиштата се затворени. Така е и во Калифорнија, каде што средните училишта не работат со недели.


Фото: Pixabay

Даниел Голдберг е ученик во училиштето „Сан Маркос“ во Санта Барбара. Тој неодамна направи веб-страница со која им помага на постарите лица во својот град да ги добијат потребните намирници без да го напуштат домот. „Зумрс ту бумрс“ им овозможува на постарите лица да направат листа со намирници што им се потребни, а тие ќе им бидат доставени од пријателите на Даниел следниот ден.

За веб-страницата Даниел бил инспириран од својот татко, кој е доктор во болница во Санта Барбара.

- Го гледав татко ми како оди на работа во ургентната сала секој ден и се ставаше во првите борбени редови. Јас само седев дома - вели Даниел.


Фото: Pixabay

Даниел собрал група од 13 средношколци кои се согласиле да им носат намирници на постарите. За време на доставата овие средношколци носат заштитни маски и ракавици. Користењето на веб-страницата е бесплатно. Средношколците не примаат парични награди за нарачките, а сите донации се собираат за оние на кои им е потребна помош.

Проектот е толку успешен, што веќе е проширен и во Денвер, Колорадо.

Автор: Тод Пери
Извор: upworthy.com  
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот