X
 29.03.2021 Живот

Слободен понеделник за поголема продуктивност на вработените, препорачува една компанија

Четиридневната работна недела не е нова идеја. Многу компании низ светот нудат опции за пократок петок или помалку работни денови, особено доколку вработените работат од дома. Една компанија од американската област Нова Англија открила дека е подобро доколку вработените се слободни во понеделник.

- Сите поминуваме премногу време пред екраните - изјавил Мајк Мелило, главен извршен директор на групата „Вондерласт“, која има платформи за резервирање места за бродови на пристаништа.

Мелило открил за „Фаст компани“ дека сите вработени биле преморени до средината на минатиот мај поради големиот обем на работа. Затоа тој одлучил да направи промени.

- Секогаш велев дека доколку во недела навечер, гледајќи „Игра на троновите“, се плашам да одам на работа следниот ден, не треба да одам на работа. Работата треба да биде нешто за што имате страст - изјавил Мелило.

Тој најчесто ја планирал претстојната седмица во недела, а ова му го намалувало слободното време и затоа се чувствувал уморен, а знаел дека неговите вработени се чувствуваат слично. Поголемиот дел од неговите вработени живеат покрај брег, па најдобро време да излезат надвор и да уживаат во слободното време е во понеделник, кога сите други се на работа, според Мелило.


Фото: Pixabay

Сите 45 вработени во компанијата биле ослободени од работа во понеделник како експеримент. Мелило открил дека иако работната недела се сменила, целите на компанијата и сработеното не се смениле. Состаноците се намалиле поради помалиот број работни денови и се одржувале само оние што навистина биле потребни и со лицата што навистина требало да присуствуваат.

Во текот на летото компанијата почнала да забележува подобрување во работата, а вработените подобро ги одредувале своите приоритети, додека квалитетот на состаноците и на дискусиите се подобрил. Се подобрила и мотивацијата на вработените, кои сега имале повеќе време за своите семејства.

По три експериментални месеци, компанијата одлучила трајно да го направи понеделник неработен ден. Профитот на компанијата се зголемил за 121% минатата година.

Мелило сепак признал дека поради видот на работата, вработените што нудат корисничка поддршка работат во смени, а некој работи и во понеделник.

Автор: Стефани Воза
Извор: fastcompany.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот