X
 29.04.2021 Живот

Ова село во Германија досега немало ниту еден случај на ковид-19. Како се случило тоа?

Германија е под огромен притисок од коронавирусот. Но, не целата земја. Селото Лиг во југозападниот дел досега немало ниеден заразен.

Селото до кое коронавирусот сè уште не успеал да стигне се наоѓа на висорамната Хунсрук, недалеку од реката Мосел, југозападно од Кобленц. Во него се обновени традиционалните куќи со дрвена конструкција, има противпожарна станица, основно училиште и огромна црква во центарот, како и секое друго село во Германија.

Но, ова село се поврзува и со нешто интересно, кое многу Германци го нарекуваат „чудото од Лиг“. Имено, од почетокот на пандемијата во Германија повеќе од 3 милиони луѓе се заразиле, при што во некои општини моментално инциденцата на 100.000 жители е над 400.

Но, во Лиг инциденцата е нула. И не само сега, туку и во последните 14 месеци не е пријавен ниту еден случај на ковид-19. Како ова село да се наоѓа под стаклено ѕвоно што го спречува вирусот.

- Досега имавме многу среќа. Секако, ова е само моменталната состојба - вели началникот Хајнц Зилес.

„Чудото од Лиг“ ги привлекува медиумите

Телефонот на Зилес не престанува да ѕвони веќе две недели. Откако локалните весници објавија за „чудото на селото“, репортерите доаѓаат сакајќи да знаат што прави Лиг, а е различно и подобро од другите.

Кој е тајниот рецепт освен малку среќа?

- Имаме одлична рурална заедница, многу волонтери кои веднаш се вклучуваат и ја прифаќаат работата. Секој се гледа себеси како дел од тимот на Лиг и работи - вели Зилес. Преку ноќ младите создале услуга за шопинг наречена „Млади за стари“ и еден тим редовно ги посетува старите лица.

- Она што политиката често го прокламира, а не го спроведува, ние го преземаме во свои раце - гордо вели началникот. Лиг го спроведува она со што се гордеат многу села во Германија. Луѓето се познаваат и се грижат едни за други. И никој не мисли дека вирусот не постои, иако инциденцата е нула.

selo
Фото: Wikipedia

- Во Лиг ниту една личност не го оспорува постоењето на вирусот. Луѓето ги следат правилата, внимателни се, се дисциплинираат и го прифаќаат фактот дека имаме пандемија со далекосежни последици врз целиот свет - вели Зилес.

Иако 90 отсто од вработените во Лиг патуваат во некои од околните градови, досега селото е поштедено од коронавирусот.

- Нулата мора да остане - тоа е старо фудбалско правило. Луѓето од Лиг го прифатиле овој принцип.

- Но, не гледаме на ова како на натпревар. Секогаш може да се случи некој да се зарази - вели началникот.

Апартманите сепак се затворени


Доколку сопственикот на апартмани Мартин Вајл ги рекламира своите апартмани за одмор нагласувајќи дека има нула инциденца во Лиг, неговата понуда ќе биде побарана од вообичаеноето. Неговиот „Ландхоф Лиг“ привлекува туристи кои ги посетуваат планинарските патеки, како и јавањето на исландските кобили и најубавиот германски висечки мост. Но, од 2 ноември Вајл не смее да изнајмува апартмани за туристи. Такви се одредбите и покрај тоа што инциденцата е нула.

Фактот што никој не сака да биде првиот што ќе го донесе вирусот во селото, исто така, придонесува за чудото во Лиг. Ниту Мартин Вејл не го сака тоа, иако пандемијата го загрозува неговото постоење, без оглед на помошта што ја добил од државата.

Селото има и центар за ковид-тестови


Недалеку од апартманите на Мартин Вајл се наоѓа Хунсрук-Хале. Таму, во сабота, сите жители можат да се тестираат еднаш неделно, од 15 до 17 часот. По неколку минути ги добиваат резултатите, а организатор е противпожарната служба.

- Кога луѓето слушнаа за центарот, нивниот одговор главно беше позитивен. Никој не рече дека нема да учествува, напротив. Луѓето се задоволни што имаат центар за тестирање во близина - вели главниот пожарникар Томас Викерт.

Секоја сабота, осум пожарникари, во соработка со Црвениот крст, ќе проверуваат дали и понатаму трае неверојатната приказна на Лиг.

Хајнц Зилес веќе има идеја што да направи ако до наесен нема случаи на ковид-19.

- Ако навистина успееме да ја преживееме пандемијата без ниеден ковид-случај, тогаш ќе имаме голема селска веселба - вели тој.

Извор: Deustche Welle
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот