X
 29.05.2019 Наука

Мисија на Марс? Ќе бидеме среќни ако воопшто дојдеме до Црвената Планета

Американскиот претседател Доналд Трамп во декември 2017 година потпиша директива со која ѝ нареди на НАСА да почне со подготовките за враќање на астронаутите на Месечината, а потоа и човечка мисија на Марс.

Затоа, НАСА одреди датуми - 2024 година за Месечината и 2033 година за Марс, но експертите сметаат дека исполнувањето на крајниот рок за Црвената Планета е речиси невозможно.

Месечината е основа за мисијата на Марс. Месечината е наш пат да стигнеме до Марс најбрзо и најбезбедно што можеме, смета директорот на НАСА, Џим Бриденштајн.

Според Роберт Хауард, шеф на лабораторијата во вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, која развива опции за идните вселенски живеалишта, бариерите не се толку технички и научни колку што се од буџетска и политичка природа.

mars
Фото: Getty Images

- Многумина го сакаме оној „Аполо момент“, кога претседателот ќе стане, како некогаш Кенеди, ќе каже дека мораме да одиме „горе“ и ќе ја собере цела нација - вели Хауард. Но, Трамп не е Кенеди, за што е свесен и Хауард.

- Мислам дека тоа нема да се случи. Со постојниот пристап ќе бидеме среќни ако стигнеме на Марс до 2037 година. Ако сакаме да бидеме песимисти и патем предвидиме политички проблеми, мисијата би можела да се реализира дури во 2060 година - додава Хауард.

За патувањето на Марс потребно е да се подготват многу работи. Од дизајн, производство и тестирање на ракетите и вселенското летало, до познавање како е најдобро таму да се одгледува салата. Самото патување би траело шест месеци. За споредба, за патување до Месечината потребни се три дена.

Целата мисија би можела да трае две години, со оглед на тоа што Марс и Земјата најблиску се една до друга на секои 26 месеци, а тоа е временска рамка што мора да се искористи. Меѓу проблемите е и тој како астронаутите да избегнат космичка и Сончева радијација.

НАСА моментално развива нов вселенски костим, прв по 40 години, но тој нема да биде подготвен за тестирање уште неколку години. Друг голем проблем е одгледувањето растенија за исхрана. Трет проблем се итните медицински проблеми бидејќи астронаутите, во случај на несреќа, ќе мора да се лекуваат сами.

На Марс прашината може да биде многу поголем проблем отколку на Месечината. Астронаутите од мисијата „Аполо“ се вратија со голема количина Месечева прашина во своите модули. Задржувањето на прашината надвор од живеалиштата на Марс ќе биде од суштинско значење за успех при населувањето.

Сè уште не постојат техники за експлоатација на ресурсите на Марс за добивање вода, кислород и гориво. Потребно е и да се развие вештачка интелигенција што ќе им помага и ќе ги води астронаутите.

И на крај, најосновното прашање: како една група на луѓе ќе се справи со психолошкиот стрес на целосна двегодишна изолација?

Научниците што НАСА ги задолжи да ја проучуваат веројатноста за слетување на Марс до 2033 година заклучија дека дотогаш мисијата е неизводлива.

- Не станува збор само за буџетски прашања. Станува збор за цела операција и колку работи НАСА може да развие истовремено - вели Бхавја Лал од Американскиот научно-технолошки институт.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука