X
 29.05.2019 Живот

Закон за обврзување на учениците и студентите да засадат по 10 дрвја пред дипломирање

Во периодот меѓу 1990 и 2005 година Филипините загубиле 32,3 проценти од шумската покривка. Илегалното сечење одамна е голем проблем за земјата, но сега Претставничкиот дом на Филипините изнесе нов начин за справување со проблемот - закон според кој сите ученици и студенти треба да засадат по 10 дрвја пред да дипломираат.

Законот беше предложен од страна на двајца пратеници, Гари Алехано и Страјк Ревила. Сега законот треба да помине во Сенатот.

- Доколку оваа иницијатива е соодветно имплементирана, ќе осигури најмалку 175 милиони нови дрвја, кои ќе се садат секоја година. Во текот на една генерација со оваа иницијатива може да се засадат повеќе од 525 милијарди дрвја. Дури и со стапка на преживување од само 10 отсто, ова би значело дека дополнителни 525 милиони дрвја би ѝ биле достапни на младината во иднина - објасни Алехано.

Од 2015 година има мало зголемување на пошумените области на Филипините благодарение на владините иницијативи и мерките за борба со илегалната сеча. Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН, само во 2012 година на Филипините биле засадени 221.763 хектари шума.

Новиот закон им наметнува обврска на сите ученици од основното и средното образование, како и на сите студенти да засадат 10 дрвја пред завршувањето на образованието. Не е јасно дали ова значи дека еден дипломец би требало да засади 30 или само 10 додека се школува.

Ова не е првпат филипинската влада да излезе со ваква идеја. Во 2012 година во Сенатот беше поднесен закон со кој се наметнуваше задолжително пошумување на многу сличен начин како новиот закон.

И додека читаме за Филипините, убаво е да погледнеме и во нашиот двор и да се запрашаме: Што правиме ние?
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот