X
 29.05.2020 Колумни

Колумна: Ковид-19 прати јасна порака – економистите треба да ја напуштат комфорната зона. Business as usual повеќе не е опција!

Новиот пристап кон еластичноста треба да се фокусира на способноста на системот да ги антиципира и апсорбира, како и да закрепне и соодветно да се приспособи на разноликите системски закани

Пишуваат: проф. д-р Оливера Костоска, Економски факултет при УКЛО
                     академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ

Ковид-19 е последната, исклучително загрижувачка манифестација на непредвидлив шок врз разноликите, меѓусебно поврзани системи, каде што меѓународното закрепнување ќе има значителни импликации за идната економска, социјална и владина активност. Интерконективноста меѓу системите претставува една од структурните карактеристики што го детерминираат современото живеење – појавата на Ковид-19, всушност, претставува перфектен пример за спознанието дека светот во кој живееме не е линеарен свет во кој акциите предизвикуваат предвидливи реакции.

Проф. д-р Оливера Костоска

Напротив, ние сме дел од еден комплексен систем (на енвироментални, социо-политички и економски системи) кој е предмет на постојана реконфигурација и кој перманентно влијае врз сите нас. Голем дел од дебатите за тоа како да се отворат економиите (како последица на Ковид-19) имаат инкрементален карактер (на пример, одземете некаков износ од социјалното дистанцирање и постигнете определен износ на раст); како да постои некој нумерички trade-off меѓу двете големини кој би можел лесно да се дефинира. „Овој вид феномени не работат така“, ќе подвлече Вилијам Хајнс, раководител на единицата „Нови пристапи за економските предизвици“ при Организацијата за економска соработка и развој (Organization for Economic Co-operation and Development - OECD). „Пандемиите не се линеарни – тие се експоненцијални. Кога работите излегуваат надвор од колосек, тие не секогаш се враќаат во стабилна состојба. Зборуваме за комплексни системи“.

Проф. д-р Љупчо Коцарев

Оттука, предвидувањето не може да се заснова врз екстраполација од минатото или врз анализа на однесувањето на изолирана, „репрезентативна“ индивидуа или фирма. Овој заклучок би можел целосно да се преслика и врз животната средина, финансискиот систем и, се разбира, врз глобалната економија. Своевремено Енди Холдејн, главниот економист на Банката на Англија (Централната банка на Обединетото Кралство), на целосно ист начин го спореди неуспехот на САРС и колапсот на инвестициската банка „Леман брадерс“. „И двата настани беа манифестација на однесување 'под стрес' од страна на комплексна, адаптивна мрежа. Комплексна, бидејќи овие мрежи претставуваат сплет на меѓусебни (финансиски и нефинансиски) врски. Адаптивна, бидејќи однесувањето во овие мрежи е предизвикано од интеракцијата меѓу оптимизирачки (но збунети) агенти. Деградацијата на екосистемите, ширењето на епидемијата и дезинтеграцијата на финансискиот систем – секој од нив, во суштина, претставува различна гранка на исто мрежно семејно дрво“.

„Промена на економската парадигма“

Начинот на кој ќе се одвива пандемијата Ковид-19, веројатно, ќе бара многу покреативно и покомплексно размислување од она што е својствено на денешната „мејнстрим“ економска наука. Дебатата поврзана со дилемите дали постојните економски модели и анализи можат да бидат инкрементално адаптирани (за да ги вклучат новопојавените сознанија и идеите што недостасуваат - на пример, преку инкорпорирање на „ограничена рационалност“) или постои потреба од целосна промена на парадигмата, беше иницирана уште во периодот на глобалната финансиска криза од пред една деценија. Ортодоксијата во економската наука не е толку прецизно исцртана како во природните науки, па поради тоа, постои можност за симултано присуство на повеќе стојалишта. Последователно, економскиот наратив често пати е променуван.

Почетокот на Големата депресија по колапсот на Волстрит / Фото: Wikimedia Commons

Во текот на минатиот век беа забележани две доминантни школи. Колапсот на Волстрит во 1929 година и Големата депресија придонесоа кон етаблирање на Кејнзијанската економска школа како владејачка парадигма. Оваа теорија понуди подобри решенија во поглед на закрепнувањето на економиите, а додека, пак, економските политики за целосна вработеност се здобија со голема поддршка во политичкиот дијапазон. Оваа состојба продуцира широк спектар на државна интервенција на пазарите и креирање држава на благосостојба. Сепак, во текот на 70-тите години од минатиот век економијата доживеа стагфлација, односно симултана појава на економска стагнација и висока инфлација. Кејнзијанската економска теорија не беше во состојба да обезбеди решенија за овој проблем, ниту, пак, да понуди објаснувања поврзани со нафтената криза и другите шокови. Консеквентно, Чикашката школа предложи алтернатива и нова парадигма на неокласичната економија.

Слободниот пазар или „неолибералниот“ модел развиен од економистите како што се Милтон Фридман и Фридрих Хајек се чинеше дека понуди подобра економска анализа и подинамична прескрипција за економската политика. Пазарно-ориентираниот модел, оригинално прифатен од страна на САД и Обединетото Кралство во периодот на американскиот претседател Роналд Реган и британската премиерка Маргарет Тачер, во разнолика форма, беше широко применет од страна на голем број земји низ светот. Во целиот овој временски интервал од околу триесет години (сè до финансиската криза од 2008 година), доминантниот модел на економски раст, во значителен степен, почиваше врз определена форма на неокласичната економска теорија. Во овој контекст, постојат релативно едноставни претпоставки за однесувањето на економските актери и последователните импликации за функционирањето на економијата во целина. Во суштината на оваа теорија се наоѓа претпоставката за „рационално“ економско однесување; индивидуите ја максимираат сопствената корист, а бизнисите се обидуваат да го максимираат нивниот профит. Оттука, „оптималното“ ниво на аутпут и потрошувачка (како и на плати и профит) би се постигнало на пазари на кои постојат, колку што е можно повеќе, конкурентски услови.

Во областите на политиката на пазарот на трудот, финансиските пазари и меѓународната трговија, доминантното гледиште на политиката е дека пазарите, доколку е тоа возможно, треба да бидат либерализирани за да се зголеми нивната ефикасност и да се постигнат најголемите севкупни придобивки во аутпутот и благосостојбата. Ортодоксната неокласична теорија го признава постоењето на „пазарен неуспех“ (market failure), каде што компетитивните пазари не продуцираат оптимален исход, пред сè, како резултат на постоењето екстерналии (на пример, деградацијата на животната средина) или јавни добра (на пример, науката или одбраната). Токму тој пазарен неуспех го оправдува постоењето на низа државни интервенции од типот на даноци поврзани со животната средина и јавното обезбедување услуги во сегментот на образование, истражувања и развој. Сепак, неокласичниот модел ја подвлекува можноста за неуспех и од страна на државата која или може да биде заробена од страна на интересите на нејзините политичари или, пак, ѝ недостига знаење и капацитет да го подобри однесувањето на пазарот. Поради тоа, економската прескрипција заснована на стандардната неокласична анализа поседува определен сомнеж за улогата на државата во управувањето на економијата во насока која е различна од онаа што ја детерминираат пазарите и добро дефинираните екстерналии. На ниво на економијата во целина, повеќето макроекономски модели пред 2008 година беа конструирани со користење на алатките од неокласичната економија. Овие модели, вообичаено, претпоставуваат дека домаќинствата и бизнисите се однесуваат на хомоген начин, па поради тоа можат да бидат моделирани како „репрезентативни агенти“.


Мапа на земјите-членки на OECD / Фото: Wikimedia Commons

И покрај можноста за постоење фрикција од различен вид на индивидуалните пазари, економијата, на долг рок, има тенденција да се придвижи кон состојба на еквилибриум (при вообичаена претпоставка за целосна вработеност). Патем, се смета дека шоковите се егзогени, односно доаѓаат надвор од системот. На ниво на политика, неокласичната рамка го претпочита стојалиштето дека високите нивоа на државен долг „ги истиснуваат“ (crowd-out) приватните инвестиции, па поради тоа, треба да постои лимитирано ниво на фискален дефицит, а додека, пак, монетарната политика (приспособувањето на каматните стапки) треба да има примарна улога при контролирање на инфлацијата и менаџирање на севкупната побарувачка. Науката ги опишува овие моменти на економска промена како „промена на парадигмата“ – период кога старата ортодоксија не е во состојба да понуди објаснување или решенија на условите поврзани со кризата, па поради тоа, потребен е нов пристап. Во услови кога повеќе од една деценија (по глобалната финансиска криза) светската економија и повеќето индивидуални земји се соочуваат со повеќекратни кризи, веројатно, како што ќе потенцира OECD (особено преку нејзината иницијатива „Нови пристапи за економските предизвици“): „Дојде времето за уште една таква промена на парадигмата“ – „Промена која е центрирана на идејата за економијата како комплексен адаптивен систем“.

Ортодоксијата тешко се справува со комплексноста на реалниот свет

Рамката и прескрипцијата што доминираше при креирање на политиката во последните неколку децении повеќе не е во состојба да продуцира решенија на проблемите и предизвиците со кои се соочуваме денес. Веројатно, најголемата лекција од кризата е дека нашиот социо-економски систем се развива многу брзо и сè повеќе се оддалечува од стариот основен економски модел. Напорите за „реформирање“ на економијата на начин што ќе овозможи таа да наликува многу повеќе на овој модел (преку зголемена флексибилност и дерегулација), веројатно, нема да помогнат. Потребна е подобра анализа на системот онаков каков што е, а не каков што ние би сакале тој да биде.

Токму поради тоа, истражувачите од областа на комплексноста, вклучувајќи ги Брајан Артур, Дојн Фармер, Рикардо Хаусман, Алан Кирман и останатите, повикуваат на побрза трансформација во економското размислување: „Сметаме дека, за да може да напредува, економската наука треба целосно да го прифати трансдисциплинарниот пристап и да модернизира поголем број од нејзините клучни концепти“. Авторите потенцираат дека она што вообичаено се нарекува „економија“, всушност, претставува „Висококомплексен, повеќеслоен систем кој ги опфаќа човечката биологија, човечкото однесување, однесувањето на групата, институциите, технологиите и културата, сите меѓусебно испреплетени во мрежи на нелинеарни, динамички повратни врски. Секое од овие нивоа на системот е предмет на учење, адаптација, еволутивни и коеволутивни процеси, а тоа, пак, би значело дека системот константно се менува, самокреира и никогаш не мирува. Оваа динамика создава новонастанато однесување на ниво на систем, вклучувајќи го економскиот раст, нееднаквоста, како и финансиските подеми и падови. Целиот систем е длабоко втемелен во физичките процеси на нашата планета“.


Филозофија на комплексни системи / Фото: Wikipedia

За подобро „справување“ со овој комплексен систем, трансдисциплинарниот пристап на „економијата на комплексност“ (complexity economics) се разликува од традиционалните стојалишта на економската наука. Прво, економијата на комплексност не го следи концептот на рационален избор: homo sapiens, речиси воопшто не изгледа како homo economicus. Економистите (на пример, Наиду, Родрик и Зукман) коректно нагласуваат дека критиката на моделот на рационален актер од страна на бихевиоралната економија станува општоприфатена. Сепак, поголемиот дел од економското моделирање, вклучувајќи го и моделирањето на политиката, и натаму ги користи претпоставките за рационален избор. И натаму постои некоја перцепција дека рационалниот избор е „доволно добра апроксимација“ и дека не постои прифатлив алтернативен модел – или, што би рекол нобеловецот Џорџ Стиглер - „потребен е модел за да се победи друг модел“. Доколку економистите го прошират своето гледиште за да вклучат невронски мрежи, когнитивни науки, социјална психологија, компјутерски науки, еволутивна биологија и филозофија, ќе видат дека во текот на последните години се случи револуција на бихевиоралната наука, а тоа, пак, би требало да има исклучително големо влијание врз економијата. Наместо асоцијални индивидуи насочени кон максимирање на сопствената корист, вистинските луѓе се интензивно социјални и висококооперативни суштества кои носат одлуки на индуктивен и хеуристички начин, и тоа преку групно резонирање. Поголемиот дел од емпириските и експерименталните истражувања покажуваат дека моралните и социјалните аспекти имаат силно влијание врз економските и политичките преференции. Овие преференции често пати не се во согласност со стандардните економски гледишта за сопствен интерес и „рационалност“.

Второ, традиционалната економија со нејзиниот концепт на „репрезентативно домаќинство/репрезентативна фирма“ целосно ја пропушта хетерогеноста. Економијата, во поголемиот дел од 20 век, примарно беше фокусирана кон агрегатни податоци, како што се БДП, продуктивност и национален доход, така што макроекономските модели претпоставуваа дека сите домаќинства и фирми во економијата може да бидат сумирани како „репрезентативни“. Овие модели, кои денес сè уште се користат, едноставно ја игнорираат хетерогеноста. Во ваков контекст, прашањата како што е економската нееднаквост може да имаат одредено значење од аспект на социјалната правда, но не и поради економските причини. Од неодамна се забележува ренесанса во работата поврзана со нееднаквоста и голем дел од економистите кои ги третираат прашањата за инклузивен просперитет имаат значителен придонес во овие истражувања. Сепак, поголемиот дел од оваа работа е заснован врз емпириска опсервација на минатото, односно истражувачите критички го иследуваат прашањето „Што се случи?“ Економската наука допрва треба да се справи со потешкото прашање за тоа како да ја интегрира хетерогеноста во нејзиното теоретско јадро и во моделите кои ги користат креаторите на политиката за подобро да одговори на прашањата „Зошто тоа се случи?“, или уште поважно, „Што правиме?“ Наспроти тоа, експлицитното моделирање на хетерогеноста е централно прашање за агендата на економијата на комплексност.


Финансиската криза во 2008 / Фото: Pixabay

Третата разлика е во системскиот пристап кон економијата. „Историски, економската наука претпоставува дека економијата претставува рамнотежен систем – систем во мирување. (...) Но, во 21 век можеме подобро“, ќе потенцираат Артур, Фармер, Хаусман, Кирман и останатите. На пример, во периодот до финансискиот крах од 2008 година, централните банки користеа модели што функционираа врз претпоставката на еквилибриум, а тоа, пак, ги намали можностите за забележување на потенцијалите за катастрофа. Со други зборови, неуспехот на повеќето макроекономисти да ја предвидат глобалната финансиска криза од 2008 година и континуираните слабости на поголемиот број развиени земји, и покрај ниските каматни стапки забележани во текот на минатата деценија, условуваат потреба од фундаментално преиспитување на неокласичната теорија. Кризата се појави ендогено, од самиот финансиски систем, и се прошири во рамките на светската економија - ова е спротивно на економските предвидувања кои, често пати, ги земаат предвид само егзогените шокови кои ја нарушуваат општата рамнотежа.

Методолошки иновации за модернизација на економската анализа

Накратко, во некои суштински области, од финансиската криза до растот и импактот на нееднаквоста, од деградацијата на животната средина до забавувањето на растот на продуктивноста, економистите мора да признаат дека ортодоксните пристапи демонстрираа слаби перформанси во антиципирањето и објаснувањето на динамиката на овие клучни процеси. Впрочем, резултатите од 70-тите години на минатиот век, па сè до денес покажуваат дека нееднаквоста не се подобри, напротив, во многу случаи, таа станува уште поекстремна. Во суштина, врските што постојат меѓу системите не беа длабоко анализирани во истражувањата поврзани со растот на продуктивноста. Врските кои влијаат врз сите аспекти, од трговијата до благосостојбата, постојат во време и простор, како во рамките на самиот економски систем, така и од економскиот кон социјалниот, политичкиот, финансискиот и енвироменталниот систем.

Системскиот пристап ја инкорпорира нелинеарноста, еволуцијата, меѓусебните врски, trade-offs, tipping points, синергијата и голем број други карактеристики на системите во кои живееме. Овој пристап, односно оваа промена на парадигмата во економската мисла, кој/а може да се имплементира преку развивање на агентно-базирано моделирање (agent-based modelling), анализа на мрежи (network analysis) и машинско учење (machine learning), има потенцијали да генерира холистички пристап за многу разнообразни вкрстени ефекти. Конкретен пример би била способноста на агентно-базираните модели ендогено да ги репродуцираат карактеристиките на бизнис-циклусот без екстерни ефекти од типот на шокови на страната на понудата или побарувачката. Со други зборови, агентно-базираните модели ја рефлектираат т.н. bottom-up природа на економијата преку земање предвид на интеракциите на индивидуално моделираните агенти (домаќинства или фирми) и ги детерминираат новонастанатите макроекономски движења преку симулации од широк размер.


Старите модели веќе не функционираат / Фото: Flickr

На овој начин, може да се анализираат импликациите од имплементација на различните мерки и да се препознае комплексниот исход од предлозите на политиката. Дополнително, реализацијата на мноштвото мрежни структури кои постојат во различните системи може да помогне при идентификување на клучните ризици и да им послужи на креаторите на политиката при дизајнирањето политики за подобрување на еластичноста (отпорноста). Еластичноста мора да биде клучната филозофија во менаџирањето со системите во насока на постоење сигурност дека и покрај нарушувањата предизвикани од настани како Ковид-19, ќе се обезбеди континуитет во функционирањето и искористување на новите можности. Конференцијата со наслов „Спречување на системскиот колапс“, организирана од страна на иницијативата „Нови пристапи за економските предизвици“ на OECD во септември 2019 година, на јасен начин идентификуваше како зголемената комплексност и меѓузависност ги направи различните системи (економски, здравствени, сајбер и сл.) подложни на широкораспространети, ненадоместливи и каскадни загуби. Во обидот за максимална ефикасност и оптимизација, овие системи ја занемарија еластичноста кон нарушувања кои можат драстично да ја ослабат позицијата на владите, јавноста и животната средина.

Инстинктивна реакција на појавата на Ковид-19 би била ограничување или намалување на меѓусебната поврзаност. Сепак, ваквите радикални промени во политиката нема подобро да ги заштитат земјите или меѓународните пазари од идните системски закани. Еластичноста за која говориме овде не се однесува на капацитетот за резистентност кон падови и враќање во претходната ситуација. Постои свесност за тоа дека системските закани со кои се соочуваат современите општества сè потешко можат да се моделираат и дека тие се премногу комплексни за пронаоѓање „оптимален одговор“ со користење на традиционалните пристапи за менаџирање со ризици. Новиот пристап кон еластичноста треба да се фокусира на способноста на системот да ги антиципира и апсорбира, како и да закрепне и соодветно да се приспособи на разноликите системски закани. Ковид-19 прати јасна порака - економистите што сакаат да придонесат кон решавање на светските најголеми проблеми, од пандемија и климатски промени, до деглобализација и нееднаквост, треба да ја „напуштат нивната комфорна зона“ и сè повеќе да ја прифатат радикалната неизвесност и исклучителната комплексност – business as usual повеќе не претставува опција!

Издвојуваме

Колумни