X
 29.06.2019 Живот

Сингапурците имаат чувство на вина затоа што за време на паузата не прават ништо

Голем дел од Сингапурците работат долги часови, се чувствуваат заглавени во рутината и сакаат да направат пауза - но кога ќе направат пауза, се чувствуваат виновно.

Ново истражување открива дека 6 од 10 луѓе, 57 отсто, посакуваат да прават нешто попродуктивно кога одат на пауза.

А половина од 600 испитаници се чувствувале под стрес затоа што не правеле ништо, додека 3 од 10 признале дека едноставно не знаат како да се релаксираат.

Истражувањето е дел од новата кампања „Издвој време“, која ги охрабрува луѓето на одмор.

singapur
Фото: Sentosa Development Corporation

Истражувањето открива дека 3 од 4 луѓе, односно 74 отсто, посакуваат да поминеле повеќе време со семејството или со саканите. Но дали преземаат нешто за да ги реализираат овие желби? Не баш. Околу половина од испитаниците се чувствувале заглавени во дневната рутина од која не можеле да избегаат.

А кога истражувањето анализирало како еден типичен Сингапурец поминувал 168 часа во една недела, резултатите биле застрашувачки.

Просечно, само 2,8 часа посветувале на релаксирање со семејството и пријателите, не вклучувајќи ги оброците. Тоа претставува едвај 1 отсто од неделата.

Д-р Тан Ерн Сер, професор на Одделот за психологија при Националниот универзитет во Сингапур, вели дека Сингапур е општество водено од индикаторот за клучните перформанси.

- Во поширока смисла, мислам дека Сингапурците се водени од парите, кредитните картички, зградите и автомобилите. Сите сакаме да имаме повеќе во животот, да имаме автомобили, станови и повеќе пари - вели тој.

Д-р Даниел Фунг, претседател на медицинскиот одбор на Институтот за ментално здравје, предлага интегрирање на работата и животот.

- Тоа значи дека треба да создадете ситуација на работа да можете да размислувате и за семејството - вели тој. Паузите не мора да бидат долги за да бидат ефективни.

- Од истражувањето е јасно дека Сингапурците сакаат да се ослободат од нивните стресни рутини и да поминат време со нивните сакани - вели Линет Анг, директор на одделот за маркетинг во компанијата „Сентоса дивелопмент корпорејшн“, каде што било спроведено истражувањето.

Причината за ова е тоа што луѓето сакаат да бидат нешто повеќе, па затоа поминатото време никогаш не е доволно добро. Затоа д-р Син Харнг Лу, доцент на Одделот за географија при Националниот универзитет во Сингапур, ги охрабрува Сингапурците да бидат поспонтани.

- Со нашите организирани викенди немаме спонтаност во животот. Повеќе не велиме: „Вечерта ни е слободна, ајде да одиме на плажа или да ја посетиме баба“. Како општество треба да почнеме да ги цениме и почитуваме слободното време и паузата. Треба да се цени, почитува и вреднува времето поминато со семејството - вели д-р Син.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот