X
 29.06.2020 Наша тема

Секое утро се будиме со надеж дека ќе има помалку пациенти, но реалноста брзо нѐ освестува, велат лаборанти во „8 Септември“

Се надевам дека ова ќе заврши наскоро и прво што ќе направам ќе биде да ги гушнам и бакнам децата без маска и без страв дека може да им наштетам, вели медицинскиот лаборант Софија Стојкоска, мајка на четири девојчиња


Во моментов е многу тешко да се дефинираат чувствата. Сите емоции се доста измешани во моменталната состојба. Покрај заморот и стравот што го чувствуваме, преовладува и разочарувањето и чувството на немоќ - вака ја почнуваат приказната три хероини што се дел од тимот на Централната биолошката лабораторија при ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Цели три месеци тие заедно со своите колеги, откако Градската општа болница е претворена во ковид-центар, живеат во немир и неизвесност – посакувајќи секој нареден ден да има помалку заболени од опасниот вирус. Земајќи им брисеви, тие се во директен контакт со заразените и потенцијално заразените лица.



Каде наоѓаат сила секој ден да одат на работа, со оглед на тоа дека иако во повеќето земји во светот стивна првиот бран на вирусот, тоа не е случај кај нас.

Анкица Поп Костова е началник на лабораторијата, со 25-годишно работно искуство. Станува збор за работа која сама по себе е доста специфична и бара голема концентрација, брзина и контрола, вели таа.


- Секој излекуван пациент ни дава сѐ поголема надеж дека иако станува збор за смртоносна болест, ние сме успеале и сме помогнале со нешто во оздравувањето на пациентот. Мислам дека таа надеж и нѐ одржува во овие моменти - вели Поп Костова.


Анкица Поп Костова


Софија Стојкоска десет години работи во лабораторијата „8 Септември“. Таа вели: „За жал, секој ден е ист, а можам да кажам и полош од претходниот“.


- Ние како медицински лаборанти, вклучени во борбата против Ковид-19, која подразбира земање брисеви, а воедно и испитување на останатите крвни анализи, настојуваме што попрофесионално и поекспедитивно да ја извршуваме нашата работа. Се будиме со надеж дека дента ќе има помалку пациенти, помалку нови бидејќи лекувањето е доста тешко и долго. Ова чувство, за жал, трае кратко бидејќи веднаш се соочуваме со суровата реалност дека мерките што се препорачани не се почитуваат и бројот на заболени расте. Работа во вакви услови - со голем наплив на пациенти и кога многу работи за справување со коронавирусот се непознати - е доста тешко да се извршува во континуитет - вели Стојкоска и додава дека благодарение на добрата организација и водењето од нивната началничка, успеваат да ги извршат сите должности, иако се во редуциран состав.


Заштитени од глава до петици


Носењето скафандери и заштитна опрема е напорно.

- Земањето брисеви нѐ става во секојдневен ризик, бидејќи сме во директен контакт со заболени пациенти. Тука се и биохемичарите, кои исто така се максимално посветени. Се трудиме да ги сработиме сите анализи што ги бараат докторите, па така воведовме и нови анализи за потребите - вели Софија.

Нивната колешка Елена Митровска вели дека се чувствува поразено зашто иако тие даваат сѐ од себе и како личности и како медицински лица, повратно нема многу резултати затоа што некој не сака да ги почитува мерките.


Софија Стојкоска


- За жал, голем број медиуми и одредени луѓе пропагираа колективен имунитет по пример на одредени земји, што, пак, заврши со голем број заболени пациенти. Ние не очекуваме да дојде некој да работи овде наместо нас, тоа е нашата професија, но очекуваме секој граѓанин да го сака и почитува првин својот живот, а потоа и животот на другите граѓани. За жал, голем дел од граѓаните не ги почитуваат мерките и препораките дадени за заштита што, еве, резултира со голем број заболени - објаснува таа.


Што би ги посоветувале нашите читатели? Поп Костова вели:

- Не би им кажала на читателите „кој не верува, нека дојде да види“ бидејќи овие слики што засекогаш ќе останат во нашите глави не би сакала да ги види никој. Но, би ги замолила сите да имаат барем малку почит кон нас, кои неуморно даваме сѐ од себе и се обидуваме да помогнеме. И тие да бидат дел од нашата мисија, секој од вас може да помогне. Доволно е само да се почитуваат мерките, да се одржува хигиена, да се носат маски и да се одложуваат какви било собири и дружби од каков било карактер. Така секој од нас ќе помогне.


Секојдневна подготовка за работа во време на Ковид-19


Вработените во лабораторијата и дома носат заштитна маска. Софија е мајка на четири девојчиња. На прашањето што е тоа што најпрво ќе го направи кога ќе заврши сето ова, таа вели:

- Се надевам дека ова ќе заврши наскоро и прво што ќе направам - ќе ги гушнам и бакнам децата без маска и без страв дека може да им наштетам. А потоа би сакала на едно место да ги видам сите мои колеги онакви какви што бевме, ведри и насмеани пред коронавирусот - категорична е Софија.



Елена Митровска



Елена е искрена дека постои страв кај вработените да не се заразат.

- Кога работите во една здравствена установа, секогаш постои ризик да се заразите со која било заразна болест. Така е и сега, секако, постои страв од овој вирус - вели Елена.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема