X
 29.07.2017 Култура

Зошто СССР му ја продаде својата воена морнарица на „Пепси“?

Звучи како наслов на американска комедија. Меѓутоа, станува збор за вистинска сторија за тоа како „Пепси“ стана првата западна компанија со свое производство во тогашниот Советски Сојуз. А потоа и сопственик на еден дел од советската воена морнарица.

Во 1959 година американскиот претседател Двајт Ајзенхауер посакал советските граѓани од прва рака да дознаат за предностите на американскиот начин на живот, за капитализмот над комунизмот. Така, во Москва била организирана „Американска национална изложба“, а главен претставник на Белата куќа бил Ричард Никсон, тогашен потпретседател на САД.

Никсон и советскиот лидер Никита Хрушчов се сретнале на изложбата. Заедно ги разгледале најновите технологии и производите за широка потрошувачка на Американците, па започнале и расправа за предностите на комунизмот и на капитализмот. Тоа се случувало во жешкиот месец јули, разговорот бил напнат, а Хрушчов бил возбуден и силно испотен. Доналд Кендал, тогаш потпретседател за маркетинг на компанијата „Пепси“, ја искористил шансата и му понудил на советскиот претседател чаша со „пепси“. Фотографијата станала хит и го обиколила светот како најдобра реклама на овој газиран безалкохолен пијалак.

Вотка за „пепси-кола“


Кендал, кој во 1963 година станал и претседател на „Пепси“, со години се обидувал да му продаде газирани пијалаци на СССР. Тринаесет години по изложбата во Москва, кога Никсон веќе бил претседател на САД, ги искористил своите лични контакти со него, поттикнувајќи го да иницира трговска спогодба и извоз на американскиот пијалак во СССР.

Кога дошло до потпишување на спогодбата во 1972 година, се појавило ново прашање: како Советскиот Сојуз ќе плаќа за „пепси-колата“? СССР немал пристап до девизи, а рубљите не се користеле на меѓународниот пазар. А да платат со вотка?! Очигледно, советската влада располагала со големи количини вотка затоа што повеќето брендови биле во државна сопственост. Така, било договорено дека СССР ќе плаќа со вотка „столичнаја“ , брендот кој во 1901 година е создаден по рецепт на рускиот хемичар Дмитриј Иванович Менделеев, познат како креатор на Периодичниот систем на елементи.

Тоа била историска спогодба: „пепси-колата“ станала првиот западен производ што се продавал во СССР, а „Пепси“ станал ексклузивен увозник на познатата вотка „столичнаја“ на американскиот пазар.

„Пепси“ и неговата воена морнарица


Во 1989 година истекувал рокот на првата спогодба меѓу „Пепси“ и СССР, па почнале преговорите за нов договор. Во тоа време „Пепси“ веќе поседувал над 20 фабрики во СССР. Новиот трговски договор изнесувал околу три милијарди долари, и станало јасно дека вотката не може да ги покрие вкупните трошоци. Советскиот Сојуз сè уште имал проблеми со пресметката во рубљи на меѓународниот пазар, па морал да најде нов, алтернативен начин на плаќање.

Решението било: ако во седумдесеттите СССР имал големи количини вотка, во осумдесеттите бил затрупан со стара воена опрема од Студената војна. Па на „Пепси“ му понудил да плати со воени бродови на дизел-погон. „Пепси“ ја прифатил понудата само затоа што знаел дека тоа бил единствениот начин да се продолжи соработката.

Договорот се однесувал на 17 подморници, крстосувач, фрегата и разурнувач, а тие пловила на крајот ѝ биле продадени на шведска компанија која се занимавала со рециклирање на метал. Благодарение на овие пловни објекти, „Пепси“ во моментот на преговорите со Швеѓаните бил шеста светска воена сила по бројот на пловила на дизел-погон.

Се зборува дека во една пригода претседателот на „Пепси“, Доналд Кендал, на шега му порачал на еден советник од ЦИА: „Го разоружуваме Советскиот Сојуз побрзо од вас“.

Но вистината е и дека го разоружувале и од непотребното железо.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура