X
 29.07.2019 Наука

Овој метод користи соларна енергија за отстранување на солта од морската вода

Наоѓањето на евтини и практични начини за отстранување на солта од морската вода може да значи помош за некои од оние 844 милиони лица ширум светот кои немаат редовен пристап до чиста вода, а научниците штотуку пронајдоа нов метод за да го направат токму тоа.

Користејќи мал диск направен од суперхидрофилна филтер хартија, на која има слој од јаглеродни наноцевки за лесна апсорпција, новата техника работи на сончева светлина, но може да отстрани речиси 100 отсто од солта во оригиналната течност.

Новиот приод се базира на традиционален метод: загревање на водата додека не се создаде пареа, потоа „фаќање“ на пареата, оставајќи ја солта и останатите нечистотии настрана. За да може водата да се претвори во пареа само со енергија од Сонцето, потребно е да се користат соларни термални материјали за ефикасно да може таа енергија да се претвори во топлина.

Но, ако овие материјали се покријат со солени кристали од водата која испарува, целиот процес може да запре. Новиот метод успешно се справува со овој проблем преку одржување на стабилно ниво на испарување на водата додека солта се собира и отстранува од процесот за да не можат да ја редуцираат ефикасноста.

Значи, тука имаме процес на десалинизација кој е евтин, практичен и ефикасен. Поради тоа што се користи Сончева светлина, направите кои ја користат оваа техника можат да бидат особено корисни на места без стабилна електрична енергија.

-Резултатите од нашата студија одат чекор нанапред кон практична примена на технологијата за генерирање на пареа со соларна енергија, демонстрирајќи голем потенцијал за десалинизација на морската вода, земање на ресурсите од отпадните води и нула испуштени течности. Се надеваме дека ова истражување може да биде почетна точка за идни истражувања за енергетски пасивните начини за обезбедување на чиста и безбедна вода за милиони луѓе - истакна хемискиот инженер Сивенг Џанг од Универзитетот „Монаш“ во Австралија.

Новиот систем користи памучно влакно со дијаметар од еден милиметар за да транспортира солена вода до дискот за испарување, каде се заробува чистата вода и солта се турка кон рабовите. За сето ова се користи сончева енергија.

Како што објаснува Џанг, иновативната направа дневно може да создаде 6 до 8 литри чиста вода на метар квадратен. Научниците сакаат да го зголемат нивото.

-Обезбедувањето на вода е најголемиот предизвик со кој се соочува светот во 21 век, особено поради растот на населението и ефектите на климатските промени. Заедниците во развој и оние кои немаат доволно ресурси најмногу ги чувствуваат ефектите од овие фактори. Користењето на Сончевата енергија за третирање на водата се смета за едно од погодните решенија за посветување на внимание не недостигот од чиста вода во некои заедници, без жртвување на нашата околина или ресурси - вели Џанг.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука