X
 29.09.2022 Живот

Најсиромашната земја во ЕУ е една од земјите во светот со најбрза депопулација: „Тука е хаос, младите си заминуваат!“

Празни ходници и само осум новороденчиња во креветчињата. Одделот за акушерство во бугарскиот град Габрово ви кажува сè што треба да знаете за драстичниот пад на наталитетот во Бугарија.

- Овде не останаа многу луѓе на репродуктивна возраст. Младите си заминаа во големите градови и во странство во потрага по работа - вели 68-годишната Бистра Камбурова, која е педијатар.

Габрово, кое се наоѓа во подножјето на Старата Планина, е симбол на намалувањето на бројот на жители во најсиромашната членка на Европската Унија.

Некогаш познат како „бугарски Манчестер“ поради својата силна индустрија, во 1985 година градот изгубил половина од своите жители. Тоа е добро позната приказна низ целата земја.

Корупцијата, немањето перспектива и спиралата на политички кризи, поради што в недела се одржуваат четврти општи избори во последните 18 месеци, се причини што разочараната младина си заминува.

Аналитичарите предвидуваат дека изборите повторно ќе резултираат со фрагментиран парламент во кој ниту една партија нема да може да формира силна коалиција.

Во период од десет години, Бугарија загуби десеттина од своите жители и е меѓу земјите во светот со најбрза депопулација. Сега има 6,52 милиони жители во споредба со речиси 9 милиони во 1989 година. А четвртина од населението е над 65 години.

gabrovo
Фото: Instagram

Индустриите во Габрово вработувале илјадници работници за време на комунизмот, пред фабриките да бидат напуштени поради стечај и приватизација. Сега е регион со најнизок наталитет и најненаселени села во државата.

- Тука почнав да работам во 1985 година. Тогаш бројот на раѓања сè уште беше доста висок: околу 1.000 новороденчиња годишно. Но, фабриките работеа - вели докторката Камбурова, чии двајца возрасни синови се меѓу оние што го напуштиле Габрово.

Минатата година во Габрово се родиле само 263 деца, за кои се грижела оваа енергична докторка, која продолжува да работи иако ја помина старосната граница за пензионирање, и тоа за мизерна плата.

- Објаснувањето е едноставно – нема работа, нема млади луѓе, нема деца - вели акушерката Маријана Варбанова.

- Во Габрово уживате во мир и чист воздух, но тоа е пустина во која може да сретнете само стари луѓе - вели 23-годишната Христијана Крастева, логопед, која неодамна роди девојче. Нејзиниот сопруг, кој работи како столар, се подготвува да замине во Велика Британија во потрага по подобра иднина за своето семејство.

Стоејќи пред првото јавно училиште во Бугарија, основано во Габрово во 1835 година, гимназијалецот Иво Димитров исто така сака да замине во Западна Европа за да добие квалитетно образование и нови хоризонти.

- Тука е хаос - вели тој, критикувајќи ја негрижата на политичката класа.

И покрај помошта од Брисел откако Бугарија влезе во ЕУ во 2007 година за да ѝ помогне во развојните проекти, транспортот и туризмот, Габрово има сè помалку потреба од работници.

- Ќе биде потребно време за да се смени тој демографски тренд - вели аналитичарот Адријан Николов од Институтот за пазарна економија во Софија.

2
Фото: Instagram

Само 35 луѓе живеат во живописното село Заја од 17 век, кое се наоѓа на околу 25 километри од Габрово. Покрај мештаните, таму се населиле пензионери од Франција, Британија, Белгија, Русија, Италија и други земји привлечени од поевтиниот живот.
Во селото нема гласачко место, а селска продавница нема. Била затворена пред многу години бидејќи немало кој да купува.

- Одлучивме да пазариме заедно. Се снаоѓаме некако - вели Марин Крастев, пензиониран електричар, чија ќерка одамна си заминала во Германија.

Овој 77-годишен човек еднаш неделно вози уште тројца пензионери од селото до најблиската продавница. За да внесат малку радост во нивните животи, старите лица во текот на летото се вклучиле во општинската програма наречена „Внуци за изнајмување“. Целта на програмата е да привлече млади лица кои ќе го посетат Зајa и ќе го запознаат животот на село.

- Се израдуваа на зајаците, но и на домашните домати и пиперки - раскажува со насмевка претседателката на селскиот културен дом, 75-годишната Бојана Бонева.

Извор: Jutarnji.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот