X
 29.10.2019 Здравје

Дали вртењето на колената може да биде прогнозер на времето?

Луѓето со долготрајни здравствени проблеми, како артритис, повеќе чувствуваат болка во деновите кога е зголемена влажноста во воздухот, покажува едно британско истражување.

Меѓу народот се вели дека студот ја зголемува болката, но всушност и не постојат многу студии за влијанието на временските услови врз здравјето. Она што било спроведено меѓу 2,5 илјади лица од страна на Универзитетот во Манчестер покажало дека симптомите биле полоши во потоплите денови со зголемена влажност.

Авторите на студијата се надеваат дека тоа ќе поттикне идни истражувања за причините.

Навикнати сме да слушаме како некој се жали дека го врти колено поради времето - претежно поради студот. Некои луѓе дури и тврдат дека можат да ги предвидат временските услови според чувствата во зглобовите.

Истражувањето наречено „Облачно со можности за болка“ е спроведено меѓу 2.500 лица со артритис, фибромијалгија, мигрена и невропатски болки од сите делови на Велика Британија.

Тие во период од 1 до 15 месеци секој ден ги забележувале симптомите, а нивните паметни телефони ги бележеле метеоролошките податоци од нивните локации.

Влажните и ветровити денови со низок притисок ги зголемувале шансите за чувство на болка за 20 отсто. Студените, влажни денови исто така ја влошувале болката. Но, немало врска само со температурата или дождот.

Професорот Вил Диксон, водачот на истражувањето, истакнува дека сега останува на другите научници да истражат зошто влажноста е поврзана со болката, што ќе ги отвори портите за нови методи на лекување.

Со овие заклучоци може да се развие и „прогноза за болка“, која на луѓето со хронични болки ќе им овозможи планирање на активностите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје