X
 29.10.2019

Оваа девојка на одбраната на дисертацијата носела здолниште направено од писма во кои била одбиена

Кејтлин Кирби била пречекана со љубопитни погледи од нејзините професори кога влегла во просторијата каде што требало да ја брани својата докторска дисертација на Државниот универзитет во Мичиген. Таа почнала образложувајќи ја својата облека: нејзиното здолниште било рачно изработено од 17-те писма во кои била одбиена во изминатите пет години.

Писмата, кои Кирби ги споила со панделки и тул, биле е-пораки во кои таа била одбиена од другите програми за докторанд, стипендии и академски списанија каде што се надевала дека ќе ги објави своите трудови. Таа имала и други, но ги искористила најдобрите за нејзиното здолниште.

Кирби буквално ги носела своите неуспеси. Здолништето го соопштило она што нејзината презентација не успеала да го направи: исцрпувачкиот, трнлив процес низ кој поминала за да стигне до главниот момент пред комитетот од пет професори.

- Дисертациската презентација беше во наративна форма, што покажуваше дека работите поминаа без никаков проблем во мојот процес, од почетокот до крајот - рече 28-годишната Кирби, која во изминатите четири и пол години била кандидат за докторанд по наука и политика за животната средина.

1
Фото: Twitter


- Затоа, сакав нешто што во мојата презентација ќе покаже дека работите не се како што се чинат и дека постојат многу блокади на патот - додава таа.

И на публиката и на нејзините професори им се допадна идејата. Професорите беа воодушевени од нејзината генијалност и храброст.

- Дефинитивно допре до луѓето повеќе отколку што очекував - рече Кирби за нејзината облека.

Советничката на Кирби, Џули Либаркин, која ја предводи лабораторијата за истражување, смета дека здолништето од хартија е и паметно и едукативно.

- Мислам дека е совршено. Одговара на нашата лабораториска култура, а Кирби е неверојатна. Таа прифаќа да се обиде и да не успее и повторно да се обиде, сè додека не постигне успех - што е нешто што го правиме во лабораторијата. Сè е поврзано со неуспехот - изјави Џули.

- Науката е одење во насоки што стигнуваат до мртви точки, а потоа враќање назад и почнување одново - додаде таа.

Кирби ја добила идејата за здолништето откако наишла на фотографии од луѓе на дипломирање кои носеле фустани направени од постери што ги создале за време на нивната докторска работа.

- Знаев дека писмата во кои бев одбиена ќе бидат интересен пресврт - рече Кирби.

Таа вели дека овој креативен проект ѝ помогнал да се справи со нејзиниот неуспех.

- Ова не значи дека ми е сеедно и дека е во ред. Сè уште ме боли кога ќе ја разгледувам мојата е-адреса. Но, процесот на правењето на здолништето за мене беше еден вид терапија - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk